Директорот на МОБ Арсовски излезе со изјава но без факти за случајот Петрушевска

Сепак, во самото соопштение директорот јасно посочува дека нема да изнесува конкретни факти, повикувајќи се на тоа дека дисциплинската постапка сè уште е во тек.

По јавните реакции за суспензијата на првата обоистка Татијана Петрушевска, со соопштение се огласи и директорот на Македонската опера и балет, Оливер Арсовски, кој ја брани одлуката на управата и инсистира на ред, дисциплина и почитување на хиерархијата во институцијата.

Во изјавата, Арсовски наведува дека наводите изнесени од Петрушевска се „невистинити и паушални“ и дека дисциплинската постапка е поведена согласно Законот за култура, врз основа на изјави од вработени и од диригентот на претставата. Тој нагласува дека диригентот претставува водечки авторитет во оркестарот и дека управата нема да дозволи нарушување на работните процеси и уметничките стандарди.

Сепак, во самото соопштение директорот јасно посочува дека нема да изнесува конкретни факти, повикувајќи се на тоа дека дисциплинската постапка сè уште е во тек. Со тоа, јавноста останува без одговор на клучните прашања за начинот на водење на постапката, додека институционалната неутралност се заменува со повикување на авторитет и хиерархија.

Изјавата на директорот, наместо да го затвори случајот, дополнително ја потврдува поделеноста околу спорот, кој од индивидуален инцидент прерасна во поширока дебата за процедурите, управувањето и заштитата на работничките права во културните институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни