Извршниот директор и коосновач на компанијата Anthropic, Дарио Амодеи, предупредува дека човештвото итно мора да го регулира развојот и користењето на вештачката интелигенција (ВИ), бидејќи во спротивно таа може да стане алатка за создавање и зацврстување на автократски и тоталитарни режими.
Во обемен есеј, Амодеи вели дека светот влегува во фаза на развој на ВИ која го тестира „тоа кои сме како вид“. Според него, човештвото се наоѓа во состојба на „технолошка адолесценција“, во која технологијата напредува побрзо отколку што правните системи, регулативите и општеството можат да ја следат.
Тој предупредува дека во рок од само две години, ВИ системите би можеле да станат „попаметни од добитник на Нобелова награда“ во повеќето релевантни области, како биологија, програмирање, математика, инженерство и пишување. Кога овие системи работат заедно, Амодеи ги споредува со „држава на генијалци сместена во дата-центар“, способна да извршува сложени задачи најмалку десет пати побрзо од човекот од софтверски дизајн и сајбер-операции, па сè до градење односи.
Комбинацијата од натчовечка интелигенција, автономија и тешкотијата за контрола на технологијата, според него, претставува „реална можност и рецепт за егзистенцијална опасност“.
„Човештвото мора да се разбуди. Овој есеј е обид можеби залуден, но вреден да ги разбуди луѓето“, пишува Амодеи.
Тој предупредува дека најголемата опасност лежи во можноста автократските режими да ја искористат ВИ за трајно одземање на слободата на граѓаните. Моќна ВИ, анализирајќи милијарди разговори од милиони луѓе, би можела да го мери јавното мислење, да открива жаришта на нелојалност и да ги задушува уште пред да се развијат.
Амодеи смета дека масовната употреба на ВИ за надзор треба да се смета за злосторство против човештвото и предупредува дека светот може да се подели на автократски сфери кои користат ВИ за репресија. Како посебна загриженост ја наведува Кина, поради комбинацијата од напредна ВИ, автократско владеење и постоечка инфраструктура за високо-технолошки надзор.
Како најефикасна мерка за спречување злоупотреби, тој ја истакнува контролата врз продажбата на напредни компјутерски чипови, клучни за тренирање на ВИ модели. Дополнително, повикува на поголема транспарентност, индустриска координација и законска обврска компаниите да објаснат како ги насочуваат своите ВИ системи.
И покрај сериозните предупредувања, Амодеи останува умерено оптимист: доколку се дејствува одлучно и внимателно, ризиците може да се надминат, а на другата страна нè чека „многу подобар свет“.
Извор Associated Press (AP) – текст од Anna Desmarais, објавен на 28.01.2026
