Заврши снимањето на дипломскиот филм „Пресек” на Мартина Петреска, апсолвентка на Катедрата за театарска и филмска продукција на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на д-р. Игор Вецовски, м-р. Дејан Илиев и д-р. Илија Циривири.
„Пресек” е филм со нејзино сценарио и продукција. Тој зборува за соочувањето со себе и со денешницата, важноста на креативните вентили и себеанализата. Се потпира и на личните искуства на Мартина. Актерската екипа на овој дипломски филм ја сочинуваат: Горан Ников, Емилија Мицевска, Аксел Мехмет, Дени Ајдаревиќ и Мартина Петреска. За него, продуцентката и сценаристка вели дека се соочила со пречки поради тоа што продуцира филм, но и глуми во него. Тие, сепак биле надминати поради професионалниот тим кој се вложил за негова реализација.

„Пораснав во три градови во текот на овие 25 (сега 26) години и приказните врзани со сите места во тие градови и луѓето кои гравитираат околу мене се бескрајна инспирација за творење. Продукција е нешто што природно се вклопи согласно мојот карактер и мојата желба за менаџирање и контролирање на процеси си доби свој вентил. Претходно бев само многу ригорозен и лут човек. Од септември најверојатно исто, само со диплома.“ – вели Мартина за Трн.

,,Од перспектива на млада продуцентка што тек сега треба да отвори своја продукција, би рекла дека состојбата на нашата филмска продукција е токсична. Но тоа може да се каже за било која уметност во сектор култура во нашава Македонија. И секако никогаш не нѐ сопрело во создавање. Било тоа, фестивал,
филм, претстава, музика… Желбата и инаетот се поголеми од нагибот и каменот на Сизиф.” – додава таа.
Од друга страна, Мартина е свесна за новата енергија која се создава меѓу новата млада екипа која само што почнува и професионална екипа. Без разлика дали е филм или фестивал, претстава или албум – таа смета дека кога се собираат луѓе за реализација на уметничко дело, се чувствува убавината на благородната работа и како што вели таа ,,пустата надеж што секој ја негува за да продолжи да го прави тоа што го прави, настрана од сѐ“.
За дипломскиот филм и состојбата со македонските независни филмови зборува и еден од актерите на ,,Пресек”, Горан Ников: ,,Конкретно за овој филм сум презадоволен, самото снимање на нашите сцени помина многу лесно, без потешкотии. Екипата исто така работеше забавувајќи се и се надевам дека завршивме одлична работа. На сет изгледавме како вреден погон што ја надмашува нормата за 200%.“

Тој додава дека взаемното „калемење“ на занаетот е еден од сегментите кој може да се искуси во независните студентски филмови и посветеноста на колегите од другата страна на камерите и екранот. Смета дека штом со студентски можности се прават вакви дела, ќе се прават чуда во големи продукции.
За успешноста на дипломскиот филм помогнаа: Владимир Митревски – Ѓуле, Дарио Секуловски, Марјан Петковски, Ана Павловска, Андреј Димески, Метин Лиман, Илија Циривири, Филип Стојаноски, Драган Спасов, Трајче Величковски, Влатко Чачоровски – Чоле, Леона Јариќ, Леа Димитрова, Емилија Смилевска, Горан Ников, Аксел Мехмет, Емилија Мицевска, Дениз Ајдаревиќ, Столе Гиговски, Антонио Ташковски, Јаков Попоски, Симона Ѓоргиева, Ива Коцева, Димитриј Димитров, Русе Арсов, Филип Николовски, Емилија Чочкова, Цветанка Јаневска, Лина Станоеска, Елен Ива Петров, Зока, Виктор Николовски, Карло Брсак Крстевски, Марија Грчева, Кристијан Костадиновски, Кирил Мечалов, Маргарита Арсова, Лирим Хоџа, Матеја Димовска и Јована Маркоска, ТОТО daily bistro, Burgerslut.
Фотографка на сет: Aна Павловска
