Дино Имери одржа концерт на сцената на „Бехштајн Центрум“ во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери минатата недела одржа концерт на сцената на „Бехштајн Центрум“ во Виена. Имери за првпат настапи пред виенската публика, изведувајќи го капиталното дело „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах. 

Имери за време на концертот ја изведе и „Прелудиум и Пајдушка“ од македонскиот композитор Живоин Глишиќ.

Концертот, кој се одржа на 13 јуни, беше организиран од Амбасадата на нашата држава во Виена, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.

-Овој концерт го подготвував со огромна мотивација и љубов, знаејќи дека настапувам во градот на Моцарт, Бетовен, Брамс… Но не можев ни да претпоставам дека ќе бидам пречекан со толку топлина и искрени аплаузи. За мене, ова беше остварување на еден голем сон, резултат на долгогодишна посветеност и труд, изјави Имери по концертот.

На отворањето, пред присутните се обрати македонскиот амбасадор во Виена, Освит Росоклија, кој го нарече Имери „бисер на македонската музичка култура“.

-Вечерва не само што сме овде за да го доживееме мајсторството на еден исклучителен уметник, туку и за да ја прославиме универзалната сила на музиката. Дино Имери е вистински амбасадор на нашата култура. Неговите настапи не се само концерти, туку емоционални патувања, музички приказни раскажани со исклучителна уметничка длабочина, подвлече Росоклија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни