„Градот“ претставува нова етапа во музичкото патување на Јашари, откривајќи свеж звук кој ја зацврстува нејзината позиција на македонската, но и на пошироката балканска музичка сцена. Песната е интимна посвета на Скопје, што е вешто пренесено преку визуелниот приказ на автентични локации од градот во видеоспотот, чиј автор е младиот видеограф Доан Акити. Дизајнот во видео спотот е дело на Васил Шемко.
„Посветена на сите луѓе и места, присутни и за жал некои од нив отсутни, што му даваат смисла на ГРАДОТ,“ вели Дина за новата песна.
Во видеото се појавуваат и долгогодишните соработници и членови на нејзиниот бенд – Лука Тошев и Драган Теодосиев.
Текстот и музиката за „Градот“ се дело на самата Дина Јашари, додека во аранжманот и се придружуваат Лука Тошев и Драган Теодосиев, продукцијата е на Дина Јашари и Димитрије Марковиќ, миксот е на Драги Иванов а мастерингот на Roy Recklies.
„Градот“ е достапен на сите дигитални платформи, а нови песни се очекуваат наскоро, носејќи уште повеќе искрени приказни и современи звуци што го рефлектираат растот и визијата на оваа извонредна млада артистка.