Дина Јашари ќе го отвори концертот на Massive Attack во Скопје

Македонската кантавторка и продуцентка Дина Јашари ќе настапи како предгрупа на Massive Attack на концертот што ќе се одржи на 28 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје, во рамките на овогодинешното издание на Skopje Calling.

Изборот на Јашари како отворање на еден од најочекуваните концерти ова лето доаѓа како логичен потег, со оглед на нејзината сè поистакната улога на регионалната сцена. Препознаена како едно од најавтентичните музички имиња од поновата генерација, таа ја освои и регионалната награда „Милан Младеновиќ“ во 2022 година, а критичарите ја посочуваат како носителка на новиот македонски музички бран.

Со својот карактеристичен глас, интимна лирика и современ пристап кон продукцијата, Дина Јашари веќе го привлече вниманието на публиката и медиумите во регионот. Нејзиното учество како предгрупа на Massive Attack се смета за значајно признание, но и како симболично спојување на локалната креативна енергија со светските музички величини.

Концертот на Massive Attack ќе го означи и почетокот на Skopje Calling 2025, фестивал кој со години наназад донесува големи музички имиња во македонската престолнина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни