Димитар Грбевски добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Наградата на Димитар Грбевски свечено ќе му биде врачена на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки” кој ќе се одржи од 21-27 септември во Битола.

Македонскиот филмски и телевизиски монтажер Димитар Грбевски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија.

-Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот почеток критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за професионалец кој остави длабока трага современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм”, се вели во соопштението на Друштвото на филмски рабоници.

Димитар Грбевски е роден во Велес. Започнува да работи како филмски монтажер во РТВ Скопје во 1965 година. Филмска академија завршува во Загреб (1972), а по завршувањето на Академијата, во 1975 година се вработува во „Вардар филм“. Од 1992 работи како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје на катедрата за филмска и ТВ монтажа, а во 2011 заминува во пензија.

Грбевски како асистент на монтажа и монтажер учествувал во повеќе од 30 филмови и ТВ филмови и серии. Во 1981 година ја освои Повелбата за долгогодишен придонес на Фестивалот на југословенски документарен и краток филм во Белград, а добитник е и на наградата „Златен објектив“ што ја доделува Кинотеката на Македонија. Во неговата богата филмографија меѓу другите се запишани и: „1971 година: Ембрио No. M.“ (монтажер на првиот македонски анимиран филм), „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Дае“ (документарен), „Црвениот коњ“, „Македонска сага“, „Џипси меџик“ и „Војната заврши“.Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) ,Горјан Тозија, филмски продуцент (2022) и Лабина Митевска, актерка и продуцент (2023).

Наградата на Димитар Грбевски свечено ќе му биде врачена на 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки” кој ќе се одржи од 21-27 септември во Битола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни