Димиш: Сакајте се себеси и другите и слушајте многу музика, таа е секогаш со нас и во добро и во лошо!

Емоциите се главната причина за тоа што го создавам. Моите искуства, но и искуствата на другите (низ моите очи) ги преточувам во песни, со цел луѓето да се пронајдат во нив и надежно да им помогнат во нивните тешки денови. Едноставно, сакам да им покажам на луѓето дека не се сами!

Иван Димишков – Димиш музичарот кој одлично се етаблира на македонската рок сцена, неодамна во „Лабораториум“ одржа промоција за неговата најнова песна „Срце и мозок“. Ова песна вели „зборува за мислите кои ме уништуваат, но сепак личноста која гордо стои до мене, ми помага да се изборам со истите и да бидам подобар човек“. Спотот го направи Exstasia, а актери во истиот се Анастасија Трајковска и Гоце Андонов.

Димиш сам ги пишува, снима и продуцира сите свои песни, градејќи автентичен уметнички израз кој брзо привлекува внимание, особено кај младата публиката. Со него зборувавме за последната песна, за музиката, за емоциите и за она што го движи во животот…

Трн: Каква приказна или емоција се крие зад „Срце и мозок“? Што те инспирираше да го создадеш овој сингл?

Димиш: Да го создадам овој сингл ме инспирираше борбата со самиот себеси, борбата со мислите кои ме уништуваат, но сепак личноста која гордо стои до мене, ми помага да се изборам со истите и да бидам подобар човек! Многу силна приказна, многу силни емоции во една песна, како никогаш досега!

Трн: Насловот е многу симболичен – срцето и мозокот често се во судир. Како оваа идеја се рефлектира во музиката и текстот?

Димиш: Mузиката почнува тивко и е брза и моќна се до самиот крај, до трите последни удари, каде се искажува почетокот на мислите, борбата со нив и на крај епилогот, каде сме го нашле решението кое го бараме. Текстот си зборува сам за себе, на некои места има метафори, на некои е искрен како солза, останува слушателите да го прочитаат.


Трн: Ти си автор, изведувач и продуцент на твојата музика – како изгледа твојот креативен процес?

Димиш: Секогаш е различно и понекогаш ништо со ништо не е поврзано. Музиката произлегува од тоа што си свирам често. Во моментот кога ќе звучи нешто интересно, го снимам во телефон или во програм за снимање. Знам некогаш и да напишам нешто што во моментот ќе ми текне, но најчесто во наредните денови ми доаѓа некоја идеја за текст од некое мое искуство или искуство на друг, ќе побарам некое снимено парче музика кое одговора со емоцијата на текстот и така продолжува да се развива целосно песната.

Трн: Колку личното искуство и емоции влијаат на тоа што го создаваш?

Димиш: Тие се главната причина за тоа што го создавам. Моите искуства, но и искуствата на другите (низ моите очи) ги преточувам во песни, со цел луѓето да се пронајдат во нив и надежно да им помогнат во нивните тешки денови. Едноставно, сакам да им покажам на луѓето дека не се сами!


Трн: Како ја гледаш домашната алтернативна/инди музичка сцена? Се чувствуваш ли како дел од неа или одиш во свој правец?

Димиш: Нашата сцена (посебно алтернативна/инди) се држи колку што може, бидејќи не секогаш е поддржувана (дал’ од фестивали, дал’ од медиуми, дал’ од Општини/Градови), па мило ми е кога ги гледам сите оние кои креираат колку се трудат и не се откажуваат да допринесат за нејзин раст и развој и секогаш да донесат нешто ново и „свежо“. Искрено, чувството е 50-50. Понекогаш се чувствувам како дел, понекогаш како да одам по мој „трнлив“ пат. Поддршка не секогаш имам, па морам некако сам да се изборам за она што сакам да го постигнам (во мој стил).

Трн: Што можеме да очекуваме од Dimish следно?

Димиш: Нови свирки и нова музика. Следете ги моите социјални мрежи и нема ништо да пропуштите!

Трн: Порака за крај?

Димиш: Продолжете да го следите медиумот „Трн“, продолжете да ги поддржувате инди бендовите, не се откажувајте веднаш доколку гледате дека нема прогрес во тоа што го правите! Сакајте се себеси и другите и слушајте многу, многу музика. Таа е секогаш со нас, и во добро, и во лошо!

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни