Диме Чучуро, во рани зори  ќе ги искачи 105-те скали на саат кулата во Прилеп за да ги намести сказалките на часовникот

Диме Чучуро, во рани зори ќе ги искачи стоте и кусур скали на саат кулата во Прилеп, висока 38 метри, за да го намести сказалките на часовникот според зимското сметање на времето. Чучуроски има 73 години.

Тоа е човекот, Димитар Чучуроски, кој го „дефибрилираше“ срцето на часовникот на прелепската саат кула во 2013 година, кој претходно беше во клиничка смрт повеќе од 15 „години“.

Од тогаш, Чучуро секој три дена се качува преку тесните спирални камени скалила стари повеќе од 150 години и во дрвената конструкција на саат кулата, којашто е исто толку стара, го навива механизмот на часовникот за да го означува точното време за прилепчани и за сите гости намерници што доаѓаат во градот и кои уште од Плетвар го гледаат симболот на градот.

Во кусата репортажа за Рацин.мк, Димитар Чучуроски ни го раскажа неговото пријателство со кулата и со часовникот. Во 2013 година по неколку претходни неуспешни обиди, сепак успеал да ги убеди челниците на градот да му дозволат да се качи во кулата, да го види механизмот на часовникот и да се обиде да го поправи.

Пред него, на неколкумина инжинери од градот не им успеало да го направат тоа.

Чучуроски вели, „часовникот не е пациент па да му каже на докторот што го боли, па потоа да оди на рентген или на магнетна и на снимките да ја откријат болката“.

Но, за часовничар со долгогодишно искуство и од самејство со повеќе генерации часовничари, тоа не било потребно. Кога се искачил и откако внимателно го разгледал и механизмот, знаел што треба да направи.

Наместо да бара делови за часовникот во Виена или Грац, од каде што се претпоставува дека е донесен, тој со неколкумина занаетчии, дреари од Прилеп, ги направил деловите за кои бил сигурен дека треба да се заменат.

И навистина, со монтирањето на новите делови, срцето на часовникот во саат кулата во Прилеп, повторно почнало да чука. Од тогаш наваму, секој ден се огласуваат звучните тонови што го означуваат точното време секој час.

Во разговорот за Рацин.мк, вели дека единствено за што жали е што никој не се нафаќа да го наследи.

На еден настан во Домот на културата „Марко Цепенков“, каде што бил поканет за да говори за занаетите во прилепската чаршија за да се популаризира стручното образование, кога завршил со својата приказна како часовничар, ги прашал стотината и неколку младинци, дали има некој да се пријави да му го пренесе искуството и вештината за одржување на часовникот во саат кулата во Прилеп.

Никој од младите не се пријавил.

Превземено од Рацин.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни