Дијана Хрка го продолжи штрајкот со глад: студенти и граѓани ја поддржуваат пред Собранието

Седми ден по започнувањето на штрајкот со глад, мајката на трагично загинатиот Стефан Хрка останува пред Собранието на Србија, каде што ѝ се придружија граѓани и студенти во знак на поддршка и солидарност.

Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, и денес, седми ден по ред, го продолжува својот штрајк со глад. Таа утрово се причести во Црквата Свети Марко во Белград, изјавувајќи дека „сè е во Божји раце“.

Поддршка ѝ пружи и Милован Миливојевиќ, таткото на младиот човек кој загина во фабриката „Наменска“ во Лучани. „Дојдов со срце да ја поддржам Дијана, а гледам дека има и други што се со неа, фала Богу. Кога јас ја започнав мојата борба, бев сам со моето семејство, но со чисто срце и образ,“ изјави Миливојевиќ за N1.

Хрка, која рече дека се чувствува добро иако е исцрпена, објасни дека не била физички подготвена за штрајкот, бидејќи непосредно пред тоа одела пеш со студентите до Нови Сад, присуствувала на одбележувањето на годишнината од трагедијата, а само еден ден подоцна престанала да се храни.

Пред Собранието, кај т.н. „Чациленд“, поставени се шатори и транспаренти, а неколку студенти ја минуваат ноќта во близина на нејзиниот шатор. Дијана спие на дрвени палети под отворено небо, додека полицијата го обезбедува местото.

Од утрово, сообраќајот околу Собранието се одвива нормално, а поддршката за неа се шири на социјалните мрежи и меѓу младите.

Штрајкот започна на 2 ноември, еден ден по комеморативниот собир во Нови Сад, организиран по повод годишнината од падот на настрешницата на железничката станица, при што загинаа 16 лица.

Хрка бара процесирање на одговорните за трагедијата, ослободување на сите приведени студенти, како и распишување на вонредни парламентарни избори во Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни