Дијана Хрка, мајката на Стефан, младиот човек кој загина во трагедијата со уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, вчера вечер се обрати пред кордонираните полициски сили пред Собранието на Србија, каде што го започна својот штрајк со глад барајќи правда и одговорност за трагедијата која го потресе целото општество.
Во своето емотивно обраќање, таа директно им се обрати на полицајците, обвинувајќи ги дека ги штитат насилниците и неправедно ги обвинуваат граѓаните.
„Покрај вас, господа полицајци, покрај вас толку многу, излегоа пет чаци од ‘Чациленд’. Зар не ви е срам да го обвинувате овој народ и да тргнете против него? Зар мислите дека сме луди и дека ништо не знаеме? Би ве замолила убаво — не ги пуштајте да излегуваат на улица. Ако ги дочекаме, никој нема да ги спаси. А нема ни вас после — цела Србија ќе дојде,“ рече Хрка, како што известува Nova.rs.
Во продолжение, таа проговори за својата лична трагедија, опишувајќи колку биле тешки повредите на нејзиниот син, до степен што не можела ниту достојно да го погреба. Со болка и револт, таа предупреди дека ако државата продолжи да ги штити виновниците, ќе сноси одговорност за можни ескалации.
Настанот се одвиваше во напната атмосфера пред парламентот, каде што веќе неколку дена се соочуваат граѓани кои ја поддржуваат Дијана Хрка и приврзаници на власта, разделени со полициски кордон.
Хрка, која го започна штрајкот со глад како чин на отпор против неказнивоста, корупцијата и институционалното молчење, стана симбол на борбата за правда и човечко достоинство. Нејзината порака, велат граѓаните кои се собираат секојдневно, е „гласот на мајките на Србија“ и потсетник дека страдањето не смее да остане без одговорност.
