Вчера, во недела, во име на присутните, текстот го прочита актерот Марко Грабеж, кој потсети дека Дијана Хрка осум дена штрајкува со глад сè до исполнување на следните барања:
– да бидат сослушани и притворени сите осомничени за падот на надстрешницата,
– да се ослободат сите приведени студенти и да се повлечат обвиненијата против нив,
– и претседателот Александар Вучиќ да распише вонредни избори.
„Штрајкот со глад е последна форма на протест, кога сите други начини се исцрпени. Тој е залог на сопствениот живот за некоја цел“, се наведува во текстот што беше прочитан пред зградата на јавниот сервис.
Во понатамошниот дел од обраќањето, глумците детално ја опишаа физиолошката состојба на телото за време на штрајк со глад – од првиот до дваесет и првиот ден, укажувајќи на постепеното слабеење на функциите на организмот, опасноста од срцев застој и колапс на органите.
„Ова се случува на 100 метри од јавниот сервис на сите граѓани на Србија. РТС – нашето право да знаеме сè. Сега знаеме, и прашањето е – што ќе направиме?“, стои на крајот од текстот што актерите и културните работници го прочитаа пред влезот на РТС.
Собирот помина мирно, без инциденти, а присутните порачаа дека нивната цел е јавноста да биде запознаена со случајот и со, како што рекоа, „молчаливоста на институциите кон една човечка трагедија што се одвива пред нивните врати“.
Извор: N1info.rs
