Според снимки и објави на социјалните мрежи, Хрка, во придружба на ветерани кои цело време ѝ даваа поддршка, пристигнала во болницата во инвалидска количка и со заштитна маска на лицето.
Таа штрајкува со глад пред српското Собрание од 2 ноември, барајќи надлежните институции да ги изведат пред лицето на правдата сите лица осомничени за трагедијата во Нови Сад, како и да бидат ослободени студентите и граѓаните кои, според неа, биле незаконски приведени.
Пред неколку дена, Хрка изјави дека ѝ била укажана медицинска помош и дека, доколку се влоши нејзината состојба, ќе прифати инфузија, но нема да се откаже од штрајкот.
Нејзиниот протест започна еден ден по големиот комеморативен собир во Нови Сад, одржан по повод годишнината од трагичниот настан. Хрка тогаш порача дека ќе продолжи со штрајкот сè додека не се исполнат нејзините барања и не се распишат вонредни парламентарни избори.
Извор: Рацин.мк
