Дијана Хрка го одби состанокот со Вучиќ: „Тој не е надлежен за моите барања“

Мајката на едно од загинатите лица во несреќата со уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, Дијана Хрка, која веќе деветти ден штрајкува со глад пред српското Собрание, одби да се сретне со претседателот Александар Вучиќ, наведувајќи дека тој „не е надлежен за работата на обвинителството ниту за нејзините барања“.

Како што пренесе весникот Данас, Хрка оценила дека со поканата за средба Вучиќ се ставил себеси во прв план, со што се прикрил инцидентот што се случил рано изутрина, кога на нејзиниот шатор бил фрлен топовски удар.

„Сакам да си ја вршат својата работа и да се утврди кој го испукал топовскиот удар кон мене, кој дојде од Чациленд, изјавила Хрка.

Таа штрајкува со глад крај оградата што ги иокружува шаторите на приврзаниците на власта, обезбедено со полиција и познато како Чациленд, бидејќи полицијата не ѝ дозволила да стигне до скалите на влезот во Домот на Народното собрание, каде што сакала да го изрази својот протест.

Хрка го започна штрајкот како форма на отпор против, како што вели, режимот на Александар Вучиќ, кој „веќе една година ја крие вистината за убиството на нејзиниот син Стефан Хрка и уште 15 загинати“ при уривањето на настрешницата. Таа бара ослободување на приведените учесници на протестите и распишување вонредни избори.

Хрка утрово објави на социјалните мрежи дека околу 6:40 часот бил фрлен топовски удар во нејзина насока и сподели фотографија на која се гледа чад.

По инцидентот, Вучиќ на социјалните мрежи објави дека утрото разговарал телефонски со Дијана Хрка и со пратеникот од владејачкото мнозинство Угљеша Мрдиќ, кој својот штрајк со глад го започна два дена пред неа, а потоа беше згрижен од итната помош.

„Ги замолив да го прекинат штрајкот со глад, а госпоѓата Хрка ја поканив на состанок. Сите добри луѓе во Србија се загрижени за нивното здравје и се молам и се надевам дека ќе донесат одлука да престанат со штрајкот“, напиша Вучиќ.

Со ваквиот развој на настаните, протестот на Хрка добива сè поголемо внимание во јавноста, отворајќи прашања за транспарентноста на институциите и односот на власта кон граѓанските иницијативи.

Извор: Beta.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни