Пред зградата на Собранието на Србија, денеска белградските гимназијалци ѝ дадоа поддршка на Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој трагично го загуби животот пред една година во падот на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Видео може да се погледне на следниот линк.
По иницијатива на учениците од Шестата белградска гимназија, ученици од бројни белградски училишта денеска ја бојкотираат наставата во знак на поддршка , која веќе шест дена штрајкува со глад пред српското собрание. Истовремено, Синдикатот „Удружена просвета Србије“ ги повика сите наставници и професори во земјата да ѝ се придружат во поддршката.
Пред Собранието, атмосферата станува сè посолидарна и посимболична. Дел од белградските средношколци имаа емотивна средба со Хрка, која и покрај видливата исцрпеност останува решителна во своите барања. Според новинарите на N1, нејзината здравствена состојба ја следи лекар 24 часа дневно, додека граѓаните и студентите дежураат во непосредна близина.
„Веќе една година се бориме за да победи правдата, за да не заплаче повеќе ниту една мајка поради туѓ немар и корупција. Ако за оваа држава животот на Вашиот син не бил важен, тогаш за неа не е важен ниту еден живот,“ стои во пораката што ја упатија гимназијалците до Дијана Хрка.
Учениците порачаа дека ќе останат покрај неа, исто како што таа стоеше покрај нив од почетокот на нивната борба.
„За Стефан. За сите што настрадаа. За сите нас,“ напишаа младите во своето соопштение.
Поддршката пристигна и од студентите од Ниш, кои веќе две ноќи престојуваат во шатори поставени покрај оној во кој спие Дијана Хрка. „Доаѓаме од чувство на човечка одговорност кон мајка која го изгубила својот син. Не сакаме да се повредува, но сакаме да знае дека не е сама,“ вели еден од студентите, Никола.
Друг негов колега додава дека, по маршот до Нови Сад минатата година, овојпат одлучиле да пешачат до Белград за да ѝ дадат сила: „Ако таа може да стои пред Собранието, можеме и ние.“
Студентите раскажуваат дека ноќите се студени, спијат наизменично поради безбедносни причини, а им помагаат граѓани и волонтери, кои доаѓаат со храна, термоси и вреќи за спиење. Тие ги повикуваат и останатите студенти да им се приклучат.
„Сакаме сите студенти да ни се приклучат,“ порачаа тие, нагласувајќи дека борбата на Дијана Хрка веќе одамна стана симбол на отпор, солидарност и човечко достоинство.