На 3-ти април, петок од 20:00, во салон Империјал II во Културно информативниот центар во Скопје, ќе се одржи мултимедијалната дуо-изложба на Стефан Божиновски и Кристина Таневска, насловена „Дијалог во празнини“.

Се работи за колаборативен проект на двајца уметници преку кој тие ги истражуваат празнините во секојдневието, во просторот, во мислите и личноста, раскажувајќи приказни и поставувајќи прашања преку повеќе медиуми: фотографија, видео, перформанс, простор и тишина.
Преку мултимедијален израз и аудиовизуелни медиуми, проектот создава дијалог помеѓу два субјекта. Дијалогот не е вербален, туку визуелен и емотивен; тој се изразува преку ритам, паузи, погледи и движења. На овој начин, и гледачот е повикан да ја почувствува тежината на отсуството .