Пациентите со дијабетес повторно алармираат за недостиг на глукомери, ленти и сензори, проблем што, според Здружението на дијабетичари, трае веќе неколку недели.
Пациентите со дијабетес во земјава и натаму се соочуваат со недостиг на основна опрема за следење на болеста, и покрај тоа што на проблемот беше укажано пред неколку недели.
Од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија велат дека ситуацијата не е надмината, а најпогодени се децата и младите пациенти.
„Пациентите со дијабетес во Македонија последните седмици се соочуваат со сериозен проблем на недостаток на антидијабетна терапија. За новите и постојните пациенти има инсулин. За тип 1 нема сензори, нема глукомери. Апелирам до Министерството за здравство после празниците да се надополни количината, да стигне до сите пациенти. Посебно да се забрза дистрибуцијата на лентите, сензорите и глукомерите за децата и младите“, изјави претседателот на СЗДМ, Димче Велев.
Според податоците, околу 40.000 луѓе во земјата користат антидијабетна терапија, додека вкупно се регистрирани околу 140.000 лица со дијабетес. Од нив, околу 4.000 се со тип 1, кај кои е неопходно редовно и континуирано следење на нивото на гликемија.
Од Министерството за здравство информираат дека дел од опремата веќе е доставена до аптеките.
„Од минатиот месец, во сите инсулински аптеки се доставени најсовремени глукомери и ленти за мерење гликемија. За сензорите за континуирано следење гликемија во тек е јавна набавка и обезбедена е дополнителна количина за 150 пациенти, па по завршувањето на јавната набавка тие ќе бидат достапни за 800 пациенти. Согласно законските процедури за јавна набавка, во моментот течат административните рокови за жалба“, соопштија од Министерството.
Недостигот на антидијабетна опрема, според пациентските организации, се јавува речиси редовно во првите месеци од годината. Причините најчесто се поврзуваат со доцнење во постапките за јавни набавки и со планирањето на количините.
И додека институциите уверуваат дека процесите се во тек, пациентите очекуваат побрза дистрибуција, особено на средствата за секојдневна контрола на болеста.