Дигиталното евро заглавено во политички ќор-сокак во Брисел

Проектот за дигитално евро е доведен во прашање поради длабоки несогласувања меѓу европратениците за неговиот дизајн, што може да ја блокира законодавната постапка во Европскиот парламент.

Проектот за воведување дигитално евро, замислен како дигитална форма на готовина во Европската унија, се соочува со сериозен политички застој во Брисел. Европскиот парламент сè уште не успева да постигне заеднички став околу основниот концепт и функционирањето на новата дигитална валута, што го доведува во прашање целиот законодавен процес.

Според три извори запознаени со преговорите, како и документи до кои дојде Euronews, меѓу европратениците постои длабока поделба за тоа што всушност треба да биде дигиталното евро.

На состанок одржан во вторникот, известувачите за досието констатирале дека несогласувањата се толку фундаментални што во овој момент е исклучително тешко да се продолжи понатаму. „Се согласивме дека не се согласуваме“, изјавил извор близок до разговорите, сумирајќи ја атмосферата на состанокот.

„Е-кеш“ наспроти дигитални сметки

Според агендата од состанокот, известувачот од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Фернандо Наварете, предложил нов концепт – дигиталното евро да се дефинира како „е-кеш“. Во овој модел, дигиталната валута би се користела исклучиво за офлајн-плаќања и би функционирала како токенизирана дигитална форма на готовина, без отворање малопродажни сметки директно на системот на Европската централна банка (ЕЦБ).

Спротивно на тоа, политичките групи Социјалисти и демократи (S&D) и Renew Europe ја поддржуваат првичната иницијатива на Европската комисија. Таа предвидува граѓаните да имаат сметки поврзани со системот на ЕЦБ и дигиталното евро да се користи и онлајн и офлајн.

„Европа мора да ја поседува и контролира својата критична инфраструктура. Во време на невидени геополитички промени и распаѓање на меѓународниот поредок заснован на правила, платежниот суверенитет мора да се темели на заедничка европска инфраструктура“, изјави за Euronews сенка-известувачот на S&D, Никос Папандреу.

Клучна улога на Европскиот парламент

Европскиот парламент е единствената европска институција што сè уште нема усвоено официјален став за дигиталното евро. Европскиот совет веќе ја договори својата позиција во декември минатата година.

Гласање за ова прашање е планирано за мај, на пленарната седница на Европскиот парламент. Сепак, актуелните поделби меѓу европратениците сериозно ја загрозуваат можноста предлогот да помине.

Доколку Парламентот го усвои својот став, тогаш би следувале преговори меѓу Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет за конечен политички договор. Но, без заедничка позиција во Парламентот, тие преговори не можат ни да започнат.

Извор: Euronews / NEON

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни