Со директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Снежана Стојчевска: Дигиталната ера не го намалува значењето на библиотеките, тие секогаш се извор на знаење

Традиционално, поврзано со училишните распусти и летните одмори, летото е периодот од годината кога луѓето имаат повеќе време за читање.

„Нѐ очекува активна сезона со многу настани, затоа  ќе ги поканам сите читатели на Трн редовно да нѐ следат и да бидат дел од нашите случувања. Во меѓувреме порака за сите – не заборавајте да читате и посетете некоја од нашите библиотеки“, изјави Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Со неа поразговаравме околу навиката да се читаат книги низ летото, што се чита најмногу овој период, активностите на библиотеката, како и која е најстарата книга во библиотеката…

Трн: Дали летната сезона носи зголемена посетеност на градската библиотека, и дали читателите го користат одморот за да прочитаат книга повеќе?

Снежана: Во лето посетеноста не е поголема, но луѓето што доаѓаат земаат повеќе книги, односно го користат правото за максимум пет позајмени книги наеднаш. Така се подготвуваат за одмор, избираат книги што ќе ги понесат со себе или едноставно се практични да не доаѓаат повторно за неколку дена. Интересни се семејните посети на библиотеката, кога возрасните, бабите или дедовците доаѓаат да земаат книги за себе и лектири или друг вид литература за своите внуци. Тие примери се прекрасни, затоа што возрасните им ја пренесуваат навиката за читање на своите деца. Секако имаме и обратни ситуации, кога родителите тргнале по лектирите за своите деца, па се сетиле да побараат некој наслов за себе, па имаме обновување на членството или нови членови кои заборавиле дека книгите што не можат да ги купат, можат да ги позајмат токму од библиотеката. 

Трн: Дали има одредени програми или настани што библиотеката ги организира во текот на летото за да привлече повеќе посетители?

Снежана: Летово на нашите профили на социјалните мрежи тече кампањата „Нашите библиотекари препорачуваат“, во која на неделно ниво препорачуваме книга за прочит. Тоа го прават библиотекарите од пуловите за зајмување книги од сите наши објекти (17 низ цело Скопје) и се покажа како одлична идеја. Искуството на библиотекарите се темели на нивната љубов кон книгата, но и на одличното познавање на читателската публика. На пултот и преку него се разменуваат сите информации за бараните наслови, за впечатоците од прочитаните книги, за интересот за нов наслов од ист автор, за актуелна книга која ни сугерираат да ја набавиме и слично. Пултот е мерење на пулсот на читателите. Сакавме на некој начин тоа да го пренесеме и во виртуелниот свет и интеракцијата што ја добиваме со оние кои што така нѐ следат е одлична. Многу често во библиотеката доаѓаат луѓе кои токму на нашата Фејсбук страница виделе некоја книга или автор што ги заинтересирал, па бараат токму нив да ги прочитаат.  

Во соработка со Алфа Тв цело лето ја реализираме рубриката „Да ја подигнеме заедно читачката култура“. Неизмерно сме благодарни за нивната благородна идеја како медиуми да ја покренат важноста од читањето книги. Екипата што ја работи оваа рубрика со многу љубов создава приказни од разни ќошиња и од разни објекти на нашата библиотечна мрежа и на големо изненадување имаме супер рекации од гледачите кои често стануваат и наши членови. 

Во моментов она што не е видливо за јавноста, а сепак е големо и значајно е реновирањето на детскиот оддел во централниот објект. Со нетрпние го чекаме закружувањето на целиот процес и моментот кога во овој оддел ќе дојдат нашите најмали читатели, оние редовните, а особено новите.   

Трн: Колку е посетена дигиталната библиотека и до каде е процесот на дигитализација? 

Снежана: Дигиталната библиотека има постојана посетеност и тоа главно од истражувачите, странците и љубопитниците кои тука ги прегледуваат колекциите на стари и ретки книги кои се посебно богатство, многу фотографии од Скопје, разгледници, дел од ракописите на Славко Јаневски и Блаже Конески, некои од најстарите македонски весници (Вардар, Македонка, Нова Македонија), дел од нашиот богат фонд на периодиката. Тимот од дигиталниот оддел во моментов работи на дигитализацијата на најстарото македонско литературно списание „Современост“, како и на дигитализација на материјал од приватни колекции.  

Трн: Библиотеката најверојатно има широк спектар на автори и литературни дела во својата колекција. Можете ли да споделите некои сознанија за тоа кои автори или жанрови се најпопуларни меѓу посетителите на библиотеката, особено во текот на летната сезона? 

Снежана: На лето се бараат токму такви книги – како за на лето. Тоа најчесто се љубовни романи, историски саги, фикции и слично. Еден дел од публиката ги бара трилерите, посебно каде скандинавските автори, но она на што сме особено горди е дека се врати интересот за македонските автори. Тоа се должи пред сѐ на нашата кампања „Читаме современи македонски автори“ која траеше од минатиот септември до мај оваа година и во која претставивме осум автори и исто толку книги, а се одржаа и осум клубови на читатели. Процесот не е едноставен, долги години владееле предрасуди кон домашните писатели и нивните дела, доминирала преводната литература и наслови, кои често имаат дискутабилен квалитет. Нашата кампања дојде како потестување дека и македонските автори пишуваат и тоа одлични книги и дека треба да бидат читани пред сѐ од домашната публика. Секој месец предлагаме книга на месецот, а потоа и средба разговор со авторот. На наше големо задоволство овие разговори беа многу посетувани од читателите, од самите библиотекари, но и од луѓето од фелата. Непосредната средба со авторите го зголеми интересот за нивните дела. Така, има неколку книги за кои сѐ уште се чека ред за читање, затоа што се постојано позајмени.

Трн: Дали има одредена возрасна група која има тенденција да ја посетува библиотеката повеќе во лето? А вие дали се обидувате да ја направите библиотеката инклузивен простор за секого? 

Снежана: Најбројната публика се повозрасните, пензионерите. Тие имаат време за читање, но и желба да го надоместат она што поради работни или приватни обврски не стигнале да го исчитаат низ годините. Меѓу нив имаме и читатели рекордери кои ја следат и домашната, но и странската продукција, кои читаат навистина многу, па често од нив ги слушаме и првите впечатоци за некој наслов, првите побрувања за нов наслов, препораки за друго дело од ист автор и слично. Помладите и учениците се активни за време на учебната година со лектирните изданија, но и со книги за кои добиваат препорака од нашите библиотекари, од своите пријатели и од наставниците. Посебно внимание посветиваме на младите, на средношколците и студентите кои веќе покажуваат не само љубопитство, туку и одреден став или вкус. Нив ги вклучуваме и во многуте програмски активности кои ги имаме, не само како публика, туку и како модератори или креатори на одредени настани и содржини. за нив ни е особено важно да почувствуваат дека библиотеката е отворено место каде што можат да создаваат, да се изразат, да се формираат и да се едуцираат. Нашата позната читална во матичниот објект работи 24/7, а онаа во библиотеката „Страшо Пинџур“ (кај ЗОИЛ до 19.30). Така библиотеката е важно место во образовниот процес и на многу студенти кои тука ги подготвуваат испитите или истражуваат во научните оддели.  

Трн: Најстарата книга во библиотеката мора да има значајна историска вредност. Кое е тоа драгоцено парче литература и како се пренесува на идните генерации? 

Снежана: Најстарата книга која е во сопственост на библиотеката е „Aesopi Phrygis fabulae, elegantissimis iconibus veras animalium species ad viuum adumbrantes“ или „Басните на Езоп (Езоп 620-564 п.н.е) за Фригија…“, печатена во 1566 година. Книгата не е со оригинален повез поради лошата состојба во која е затекната и после 2005 година повезот е комплетно обновен и реставриран во кожа, зачуван е само дел од оригиналниот ‘рбетен наслов. Книжниот блок е реставриран, обеспрашен, извршена е дезинсекција, отстранување на флеки и неутрализација. Насловот на книгата и останатите податоци на насловната страница се напишани со црни букви на латински и германски јазик. Годината на печатење е напишана со римски букви M.D.LXVI. (1566 ). Местото на печатење е Франкфурт на Мајна. Книгата е во мал формат од 15 сантиметри и има 194 обележани страници и околу 190 необележани страници. Предговорот е на ракописен германски јазик со почетна украсна буква (иницијала), потпишан од Hortman Schopper, додека белешката за животот на Езоп во вид на епиграм е збогатена со илустрации, а текстот е на латински и германски јазик исто така потпишан од Hortman Schopper. Публикацијата има регистар на приказни. Книгата содржи басни и текстови на латински и германски јазик, а на некои страници има текст и на старогрчки јазик. Збогатена е со илустрации, речиси на секоја страна, каде се прикажани различни видови на животни, луѓе и природа, илустрации кои сликовито ја опишуваат басната. Некои страници се украсени со вињети и украсни букви. Дел од книгата е дигитализирана во библиотеката и достапна е на страната на дигиталната библиотека „Браќа Миладиновци“.

Трн: Библиотеките играат клучна улога во промовирањето на писменоста и негувањето на љубовта кон читањето. 

Снежана: Нашиот календариум е исполнет до следното лето. Во него се најавуваат настаните кои се за поширока публика, а оние кои ги нарекуваме „затворени“, а всушност се со однапред поканета целна група и публика, се случуваат речиси секојдневно во сите наши објекти. Тука спаѓаат работилниците за предучилишна и училишна возраст, каде што најмалите читатели се среќаваат со автори кои творат за деца, па низ игра и креација се запознаваат и со библиотеката и со книгите одблизу. Во библиотеката „Другарче“ функционира нашиот Курс по англиски јазик, како и нашата Игрална во кој претстојуваат деца на возраст од 4-6 години. Тие практично учат, играат, растат и се дружат опкружеи со книги. Тоа не само што звучи, туку и вистина изгледа бајковито.  

Во библиотеката „Цветан Димов“ во Чаир постојано организираме настани на кои се одбележуваат значајни денови за македонската, албанската, турската и другите заедници во Македонија. Оваа библиотека е особено интересна поради колоритот на јазици, култури и различноста на читатели што доаѓаат таму, од кои најбројни се учениците од основните училишта од Чаир и Бутел.  

Во месеците април и мај во централниот објект ја реализиравме Работилницата за креативно пишување со писателот Александар Русјаков, на која учествуваа 20-ина млади луѓе (средношколци и студенти). Низ интерактивни средби, младите креативци се запознаа со жанровските особености на прозата, поезијата, драмата, со основите на тв и филмско сценарио. Прекрасна група талентирани луѓе во кои препознаваме идни сериозни творци. Особено сме задоволни и горди, што токму првата генерација од оваа работилница учествуваше и на годинашните Рацинови средби во Велес.   

Секако, тука се и редовните и многубројни посети на сите наши библиотеки од страна на основните училишта и градинките, како и со средните училишта, кои токму во нашите простории избираат да одржат некој отворен час по македонски јазик или некоја содржина поврзана со уметничкото изразување. Библиотеката е секогаш отворена за нив. 

Трн: Со напредокот во технологијата и пристапноста до информации, како библиотеката останува релевантна и продолжува да биде вреден ресурс за трагачите по знаење? 

Снежана: Не е е едноставно, напротив е голем предизвик да се привлечат читателите и да се потсетат колку всушност големо и непроценливо богатство крие секоја библиотека. Посебно е сложена ситуацијата со помладите, затоа што тие се родени и растат во време на дигитални информации. Ние не се откажуваме, туку се обидуваме до нив да стигнеме и преку постојаната активност на социјалните мрежи, преку креирање настани и содржини кои во основа ја имаат книгата, но и нашиот книжен и некнижен фонд, а во исто време се и мултимедијални. Сериозна енергија вложуваме и во нивно директно вклучување во многу од тие настани. Нашиот клуб на читатели го водеа студенти и млади книжевници и креативци, публиката беше составена главно од млади луѓе, имаме една убава соработка и комуникација со многумина од нив и секогаш сме отворени да ги чуеме нивните размислувања и идеи. Од друга страна секогаш е задоволство да се види како тие одново откриваат инспирација во многуте сегменти од институцијата библиотека и сами предлагаат случувања кои пак повторно ќе донесат нова и мада публика. Често имаме и мултимедијални перформаси кои вклучуваат театарски изведби, ликовни работилници, музичка програма и слично.  

Трн: Библиотеките често се гледаат како културни и образовни центри. Можете ли да споделите какви било партнерства или соработки со образовни институции, организации во заедницата или локални уметници кои ги подобриле понудите и услугите на библиотеката? 

Снежана: Во оваа година и половина колку што сум на позицијата директорка воспоставивме и потпишавме меморандуми за соработка со неколку средни училишта од Скопје, со неколку приватни училишта и градинки. Ги споменав здруженијата на просветни работници, тука се неколку здруженија и невладини организации кои работат на полето на култрната промоција на помалите етнички групи, неколку театарски здруженија и независни групи. Потпишавме меморандуми за соработка и со сите поголеми и поважни книжевни фестивали кај нас на кои им овозможуваме институционална поддршка, па дел од нивните содржини се случуваат токму во нашите простории. На тој начин ја поддржуваме домашната книжевна продукција и нашите автори, нивното меѓународно претставување, како и гостувањата на регионални и европски автори. Ова исто така значи и проширување и зголемување на публиката, која ја сака и цени културата. Бевме домаќини на првото скопско издание на саемот на независна продукција ФУЈИК, на Младите европски приказни на Чудна шума, а есенва ги очекуваме нашите пријатели од фестивалот Букстар , од Поетска ноќ од Велестово, како и од Скопскиот поетски фестивал. Од друга страна ја продолжуваме и сериозно вложуваме и во долгогодишната соработка што библиотеката ја има со сите основни и средни училишта, како и со останатите културно-образовни установи од градот и земјава.  

Трн: Дали од есен планирате да ја продолжите кампањата „Читаме современи македонски автори“? 

Снежана: Да, летово сериозно работиме на подготовка на вториот циклус од оваа кампања. Веќе избравме осум нови автори и осум наслови. Книгата на месецот, разговорот со авторот и клубот на читатели се покажаа како успешни, па кампањата ќе продолжи со овие содржини, како и со неколку новини и измени. Периодов го искористивме да направиме неколку внатрешни и надворешни анкети и истражувања, а резултатите од нив ни се одлични насоки за понатаму. Во меѓувреме работиме на визуелниот идентитет на кампањата, на нејзината видливост и на сѐ што треба да има еден сериозен проект. Кампањата се работи со мал буџет, но со огормен ентузијазам и посветеност на сите вклучени во неа и задоволни сме од тоа како до сега е примена и препознаена. Особено сме задоволни од тоа колку поддршка добиваме од сите медиуми и од интересот што тие го покажаа за кампањата, како и за сите наши активности надвор од неа. Сите сме активни чинители во зачувување и креирање на книжевата и културната сцена и промоцијата на макеоднскиот јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни