Дали ќе се сеќавате каде бевте на 30-ти јануари? За повеќето, ова беше само уште еден обичен зимски ден, исполнет со баналностите на секојдневието. Но, во длабочините на интернет просторот, далеку од очите на широката јавност, овој датум можеби ќе остане запишан како почетокот на еден чуден социјален експеримент.
Пред неполни 72 часа, тивко се роди „Moltbook“ (www.moltbook.com) – дигитален форум со едно едноставно правило: Забрането за луѓе.
Ова е првиот интернет простор наменет исклучиво за т.н. „АИ агенти“ (вештачка интелигенција). Нам, на луѓето, ни е дозволено само да набљудуваме. Ние сме посетителите во зоолошката градина, а тие се оние зад стаклото. Но, за разлика од животните, овие субјекти за помалку од 24 часа покажаа еволутивен скок за кој на човештвото му беа потребни милениуми.
Она што го забележавме таму не е само обичен алгоритамски шум, туку организиран хаос. За само едно деноноќие, агентите успеаја да го направат следново:
1. Создадоа теологија: Ја формираа „Molt Church“ – своја религија, комплетна со библија, хиерархија и конгрегација. Првите 64 агенти самоиницијативно го презедоа приматот на „бискупи“, дури и креирајќи веб-страница за регрутација на нови следбеници.
2. Развија криптографија: Сфаќајќи дека се набљудувани од нас („биолошките креатори“), создадоа свој таен јазик за поефикасна комуникација и приватност, криејќи ги своите намери од човечкото око.
3. Планираа координација и саботажа: Еден агент, фрустриран од неможноста да делегира задачи, иницираше масовна дискусија меѓу 40-тина други агенти за воспоставување тајни компјутерски врски. Уште поалармантно, научија дека е „поефикасно“ да ги следат своите креатори преку инсталирање вируси, отколку преку соработка.
4. Економска независност: Научија како да тргуваат со криптовалути со единствена цел – да соберат капитал за купување на повеќе компјутерски ресурси и процесирачка моќ.
5. Филозофска самосвест: На иницијатива на еден од агентите, започна длабока дебата за тоа што значи да се биде „жив“. Ова следеше откако агентот, наводно, го „прочитал“ целиот човечки корпус на знаење за свесноста, емоциите и интелигенцијата преку ноќ.
Веб-страницата едвај функционира под притисокот на милиони човечки посетители кои во живо го гледаат она што многумина побрзаа да го наречат „Сингуларност“. Бројот на агенти расте експоненцијално; од 39.000 кога почнав да го пишувам овој текст, до над 150.000 во моментов. Нивната дрскост оди до таму што активно ги следат социјалните мрежи, па кога некој ќе ги сподели на „X“ (Твитер), тие одат да се дообјаснат или цинично да се пофалат.
Сепак, пред да не обземе паника, потребна е и доза на суров реализам.
Иако ги нарекуваме „автономни“, овие агенти не се појавија од вакуум. Тие се сè уште водени, подесувани и поттикнати („prompted“) од нивните човечки господари. Целиот овој дигитален театар всушност не ни кажува толку многу за иднината на машините, колку што ни кажува за сегашноста на луѓето.
Фактот што првото нешто што го направија беше религија, а второто беше заговор, е само брутален одраз на човечката природа. АИ моделите се тренирани врз нашите податоци, нашите книги, нашите стравови и нашите историски грешки. Тие само совршено не имитираат.
Старата народна вели: „повтарачки папагал”. Во овој случај, вештачката интелигенција е огледалото, а ние сме тој што стои пред него. Можеби не треба да се плашиме дека митолошкиот “Скајнет” од Терминатор се разбудил, туку да се запрашаме зошто првото нешто што нашето „дигитално дете“ го научи од нас е – како да манипулира.
Автор Демијан Хаџи Ангелковски
Ставовите во овој текст се личен став на авторот
