Сè повеќе луѓе покажуваат знаци на дигитална деменција

Поимот дигитална деменција, воведен од германски невронаучник, сè почесто се користи за да се опишат последиците од прекумерната употреба на дигитални уреди.

Сè поголем број луѓе покажуваат симптоми што стручната јавност ги поврзува со таканаречената дигитална деменција – поим кој опишува намалена концентрација, послабо паметење и хроничен ментален замор како резултат на прекумерна употреба на дигитални уреди.

Терминот „дигитална деменција“ во 2012 година го воведе германскиот психијатар и невронаучник Манфред Шпицер, кој укажа дека постојаното потпирање на паметни телефони, апликации и интернет услуги може да го намали природниот когнитивен напор на мозокот. Идејата е дека кога уредите „памтат“ наместо нас, мозокот се ангажира сè помалку.

Иако поимот не е официјална медицинска дијагноза и не постои во формалните класификации на болести, експертите наведуваат дека ефектите што ги опишува се реални. Станува збор за состојба во која вниманието се фрагментира поради постојани нотификации, пораки и бескрајно „скролање“, додека способноста за подолго фокусирање слабее.

Истражувањата покажуваат и дека сè повеќе луѓе го користат телефонот како продолжение на сопственото паметење, но и на идентитетот. Наместо да го доживуваат моментот, тие го снимаат и документираат за социјалните мрежи, при што личното искуство станува површно. Како што наведуваат психолозите, во такви ситуации „имаме снимка, но немаме спомен“.

Научните анализи, сепак, укажуваат дека проблемот не е во самата технологија, туку во начинот на нејзино користење. Пасивното консумирање содржини и постојаното префрлање на вниманието се поврзани со послаба меморија и концентрација, додека активната употреба (како учење, пишување, комуникација и решавање проблеми) може да има и позитивен ефект врз когнитивните функции.

Како најчести знаци се наведуваат тешкотии во фокусирањето, постојана потреба за проверување на телефонот, чувство на нелагодност кога уредот не е достапен, како и заборавање на информации кои порано лесно се паметеле.

Стручњаците препорачуваат умерен и посвесен однос кон технологијата, со повеќе паузи без екран, подолги форми на читање и повеќе директна комуникација. Посебно се истакнува и улогата на досадата како природен простор за одмор и креативност на мозокот.

Дигиталната деменција, според нив, не е болест, туку одраз на времето во кое живееме – време во кое технологијата го олеснува животот, но истовремено може да го замени сопственото паметење и внимание ако не се користи внимателно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни