Дигитален затвор: Како „бесконечното скролање“ создава зависност и ни го „пржи“ мозокот

Зошто поминуваме часови на социјалните мрежи без да сакаме? Експертите предупредуваат на опасностите од алгоритмите, феноменот „brain rot“

Дали некогаш сте го земале телефонот „само на минута“, а потоа сте сфатиле дека поминале два часа? Не сте виновни вие, вината е во софистицираната психологија и алгоритмите дизајнирани да ве држат будни и активни што е можно подолго.

Додека Велика Британија и Австралија веќе размислуваат за целосна забрана на социјалните мрежи за млади под 16 години, функцијата „бесконечно скролање“ (infinite scroll) доаѓа во фокусот како едно од најмоќните оружја за создавање компулсивно однесување.

„Ние не сме корисници, ние сме производ“

Д-р Кејтлин Регер од UCL објаснува дека социјалните мрежи денес не се ни приближно слични на оние од 2012 година.

„Постои една изрека: ’Ние сме производот на социјалните мрежи’. Нашето време и нашето внимание се стоката што се продава на огласувачите“, вели таа.

Бесконечното скролање ја поништува свесната одлука. Корисникот не бара информации активно, туку пасивно го „голта“ она што му се сервира, што води до губење на критичкото размислување.

Феноменот „Brain Rot“ и падот на концентрацијата

Истражувањата на Ofcom покажуваат загрижувачки тренд кај децата , конзумирање на т.н. „brain rot“ (распаѓање на мозокот) содржини. Станува збор за хаотични, гласни и бесмислени видеа во кратка форма кои предизвикуваат чувство на дезориентираност, го намалуваат капацитетот за внимание (attention span) и водат до зголемено ниво на анксиозност и замор.

Марин Танги, авторка на „Визуелен детокс“, предупредува дека вештачката интелигенција сега создава уште побизарни содржини кои алгоритмите ги промовираат затоа што предизвикуваат шок и реакција.

Од обично скролање до „Doomscrolling“

Алгоритмите не се неутрални. Тие често ги таргетираат корисниците кога се најранливи. Doomscrolling е прекумерно конзумирање на негативни вести. Бидејќи омразата и стравот предизвикуваат посилни емоции, алгоритмите често ги сервираат токму тие содржини за да не задржат подолго на екранот. Постојат тврдења дека одредени платформи користат алгоритми за да препознаат кога тинејџерите се несигурни во својот изглед, за токму во тој момент да им пласираат реклами за производи за слабеење.

Како да се заштитиме?

Експертите се согласуваат дека решението не е само во забраните, туку во враќањето на контролата. Децата и возрасните мора да развијат свесност за тоа како ги користат медиумите, а не само колку време поминуваат пред екранот.

Сè додека „вниманието“ е валута на дигиталниот пазар, корисникот мора да биде тој што ќе каже кога е доста – пред алгоритмот да го направи тоа наместо него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни