ССНМ: Дигиталниот напад врз „Слободен печат“ е напад врз слободата на медиумите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара итна институционална акција поради координираните и злонамерни дигитални напади насочени кон профилите на „Слободен печат“ на Инстаграм, што, како што тврди, претставува директно загрозување на слободата на изразување и правото на информирање.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) оцени дека дигиталниот напад врз профилите на „Слободен печат“ на социјалната мрежа Инстаграм претставува напад врз слободата на медиумите и правото на информирање.

Според ССНМ, станува збор за организирани и злонамерни активности – предизвикани од масовни пријавувања и координирани напади кои имаат за цел да го нарушат нормалното функционирање на редакцијата и да вршат притисок на медиумот, иако редакцијата не ги прекршила правилата на платформата.

ССНМ оценува дека ваквите напади, кои се повторуваат циклично, го загрозуваат не само правото на слободно изразување, туку и безбедноста на онлајн просторот за медиумите, што бара итен одговор од надлежните институции. Синдикатот апелира Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи да преземат сите потребни мерки за заштита на медиумите како глас на јавноста и совест на општеството.

Од ССНМ изразуваат надеж дека „Слободен печат“, како еден од водечките медиуми во земјава, ќе продолжи со своето одговорно професионално информирање и покрај предизвиците и обидите за дигитално замолчување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни