„Диета што ја спасува планетата: Како светот може да се нахрани до 2050 и да ја намали климатската криза“

Како „диетата за здравје на планетата“ може да нахрани 9.6 милијарди луѓе до 2050 година, да ги намали емисиите на стакленички гасови за 60% и да го подобри здравјето глобално?

До 2050 година, речиси секој човек на Земјата би можел да има пристап до хранлива и културно прифатлива храна – сето тоа додека се подобрува состојбата на животната средина – ако земјите работат заедно за да ја применат таканаречената „диета за здравје на планетата“, покажува нов извештај.

Со усвојување на здрава, еколошки прифатлива исхрана – заедно со намалување на загубите и отпадот од храна и зголемување на продуктивноста во земјоделството – околу 9,6 милијарди луѓе би можеле да се хранат „хранливо и праведно“ до 2050, според извештајот објавен во четврток од страна на EAT-Lancet Комисијата за здрави диети од одржливи прехранбени системи.

Според Обединетите нации, во моментов на планетата живеат повеќе од 8,2 милијарди луѓе.

Овие промени исто така би можеле да помогнат да се намалат годишните емисии на стакленички гасови од глобалните прехранбени системи за повеќе од половина, според комисијата составена од водечки експерти по земјоделство, клима, економија, здравство и исхрана од над 35 земји од шест континенти.

Според извештајот, околу 30% од глобалните емисии на стакленички гасови доаѓаат од производство, преработка и транспорт на храна, како и од претворање на шумски површини во обработливо земјиште – додека останатите 70% доаѓаат од фосилни горива.

Каква е диетата за здравје на планетата?

„Диета која е добра и за луѓето и за планетата се фокусира на овошје, зеленчук, јаткасти плодови, мешунки и цели житаркиумерени количини на месо и млечни производи – и **многу малку додадени шеќери, заситени масти и сол“, изјави д-р Волтер Вилет, ко-претседател на комисијата и професор на Харвард.

Кога станува збор за месо и млечни производи, „замислете едно + едно“, рече Вилет – една дневна порција млечен производ (како млеко или јогурт), и една порција животински протеин (риба, пилешко, јајца или месо). Црвеното месо (говедско, јагнешко, свинско) треба да се ограничи на една порција од 100 грама неделно, поради неговото влијание врз здравјето.

„Оваа диета не го елиминира месото и млечните производи, и не е диета на лишување. Слична е на медитеранската диета,“ рече Вилет.

„Дневна порција млечни производи, еднаш неделно црвено месо, и неколку пати неделно јајца, пилешко или риба.“

Промената не е само за храната

„Потребно е и намалување на отпадот од храна, како и премин кон одржливо управување со земјиште, вода, хранливи материи и екосистеми“, рече ко-претседателот на комисијата Јохан Рокстрем од Универзитетот во Потсдам.

„Мора да одлучите да произведувате здрава храна што е достапна и прифатлива за сите. Затоа ова е навистина предизвик.“

Контроверзии и отпор од месната индустрија

Првиот извештај на EAT-Lancet беше објавен во 2019. Тогаш, како и сега, беше соочен со отпор – особено од индустријата за говедско и млечни производи.

Во 2019 година се користеше хаштагот #YestoMeat за ширење на недоверба кон извештајот, и имаше напади врз членовите на комисијата. Ова повторно се случува и сега, велат истражувачите.

Вилет додаде дека движењето „Make America Healthy Again“ на Роберт Ф. Кенеди Џуниор промовира „поизразено животинска диета“ и „цензурира информации за влијанието на сточарството врз животната средина и глобалното затоплување“

Ако ништо не се смени…

Ако продолжиме како досега, емисиите на стакленички гасови од земјоделството би се зголемиле за 33%, се вели во извештајот. 70% од природните екосистеми веќе имаат изгубено повеќе од половина од својата површина, главно поради земјоделство.

Но ако се направи транзиција, би можеле да се намалат емисиите за 60% во споредба со 2020, а стоката би се намалила за 26%, и 11% помалку земјиште би се користело за пасишта.

„Тоа значи дека би можеле да престанеме да ја сечеме Амазонија за да одгледуваме соја и храна за животни,“ рече Вилет. „Тоа денес се случува со алармантна брзина.“

Што би се зголемило?

Производството на морска храна би пораснало за 46%, производството на зеленчук за 42%, производството на овошје за 61% на јаткастите плодови за 172%, а на мешунките (грав, леќа, наут) за 187%

Во тој случај, цените на храната би паднале за околу 3%.

Решенија за промена

Според Кристина Хикс од Универзитетот Ланкастер, најбогатите 30% од светската популација се одговорни за над 70% од влијанието на храната врз животната средина, додека помалку од 1% имаат исполнети сите права и потреби од храна без да ја загрозат планетата.

Комисијата предлага: Субвенциите да се пренасочат од месо и млеко кон одгледување овошје, зеленчук, житарки и мешунки. Данокот на храна со високи нивоа на шеќер, сол и заситени масти. Регулација на маркетингот на нездрава храна, особено кон деца. Јасни предупредувања на пакувањата на нездрава храна. Поддршка на традиционални растителни диети ширум светот

„Не нудиме една диета што одговара за сите. Диетата за здравје на планетата е флексибилна и може да се прилагоди според културата,“ рече Вилет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни