Во година исполнета со брзи TikTok хитови, танцови синглови и дигитална хиперпродукција, токму една емотивна, ретро-баладна композиција неочекувано стана најслушаната песна на Spotify и YouTube во 2025 година.
Песна што во почетокот помина незабележано
„Die With a Smile“ беше објавена на 16 август 2024 година, но почетниот прием беше тивок. И покрај високите очекувања – сепак станува збор за соработка меѓу две мегавезди, песната во првите месеци не успеа силно да се пробие и речиси се загуби во пренатрупаниот простор на летните хитови.
Како што наведува Slate, многумина веруваа дека композицијата ќе избледи помеѓу десетиците хитовски изданија од доцното лето.
Неочекуван пресврт по празниците
Но, веднаш по завршувањето на новогодишните празници, песната доживеа спектакуларен подем. Штом божиќните класики исчезнаа од етерот, „Die With a Smile“ направи огромен скок: од 17. место на Billboard Hot 100 директно стигна на самиот врв, каде што се задржа четири недели.
Успехот продолжи и на музичките награди – дуетот освои Греми за најдобра поп-дуо/групна изведба, а композицијата беше номинирана и за „Песна на годината“.
Рекорди што ја одбележаа годината
Најимпресивните податоци дојдоа од Spotify. Песната постави историски рекорд: 121 ден поминат на првото место на глобалната топ-листа, повеќе од кој било хит досега. Со тоа го собори претходниот рекорд на „Dance Monkey“ (Tones and I) и цврсто го обезбеди своето место како најголем хит на 2025 година.
Паралелно, композицијата доминираше на Apple Music Global 100 и стана најгледаниот музички видеоспот на YouTube.
Реакции на Гага и Марс
Лејди Гага на Instagram им се заблагодари на фановите со емоционална порака, нагласувајќи дека успехот во три различни децении е нешто што „и понатаму ѝ делува нереално“. Таа се потсети на своите најголеми хитови од „Just Dance“ и „Poker Face“, преку „Born This Way“ и „Shallow“, до „Rain on Me“ и додаде дека „Die With a Smile“ ѝ е особено драга.
Бруно Марс, познат по неговата жанровска флексибилност, го искористи успехот како уште една потврда за својата долгорочна релевантност, од ретро-соул проектите и саработките со Anderson .Paak, до неодамнешните интернационални хитови.
Интимната приказна зад песната
Дел од магијата на „Die With a Smile“ е и нејзината спонтана креација. Според извори од студиото, Марс ја започнал идејата во доцна ноќна сесија. Гага, слушајќи ја почетната верзија, веднаш се приклучила, надградувајќи ја композицијата со вокални слоеви и емотивни текстови, резултат што подоцна ќе стане глобален хит.
Извор: N1info.rs
