Испораките меѓу компании (business-to-business) ќе продолжат, но и тие може да доцнат, предупредуваат од DHL. Досега, пратки до вредност од 2500 долари можеа да влезат во САД со минимална документација, но со новите правила, оваа граница е намалена на 800 долари. DHL информира дека нивните тимови сега работат 24 часа дневно за да ги обработат новите царински барања.
Додека работат на проширување на капацитетите, од компанијата посочуваат дека сите пратки со вредност над 800 долари може да имаат значително доцнење, без разлика од која земја се испратени. За пакети до 800 долари, сè останува како досега – со минимални проверки.
Удар врз Shein и Temu
Најавено е и ново заострување – од 2 мај, Белата куќа ќе го укине т.н. „de minimis“ правило, кое дозволуваше мали пратки, особено од Кина и Хонгконг, да влегуваат во САД без царини. Оваа промена сериозно ќе ги погоди онлајн продавниците како Shein и Temu, познати по ниските цени и брзата достава. Двете компании веќе ги предупредија своите корисници дека поради новите глобални правила и тарифи, ќе бидат принудени да ги зголемат цените.
Администрацијата на Трамп тврди дека многу испраќачи од Кина „кријат забранети супстанции и лажно ги прикажуваат содржините на пратките за да избегнат контроли“. Според новата извршна уредба, мерките се насочени кон спречување на „ланецот на снабдување со синтетички опиоиди“, кој, според американските власти, има голема улога во опиоидната криза во САД.
Од друга страна, Кина порачува дека проблемот со опиоидите, вклучително и фентанилот, е внатрешен проблем на САД, и дека Кина има „најстроги закони против дрога во светот“.
Минатата недела, и Hongkong Post објави дека ја прекинува испораката на пратки кон САД по морски пат, а од 27 април целосно ќе престане да прима пакети наменети за американскиот пазар. Во своето соопштение, американското однесување беше опишано како „неразумно, насилно и злоупотреба на царинските прописи“.