Оскаровецот режисер и креатор на култната серија Твин Пикс почина на 16-ти јануари на 78-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја потврди неговото семејство преку објава на социјалните мрежи.
„Со длабока тага ние, неговото семејство, ја објавуваме смртта на човекот и уметник Дејвид Линч. Би ценеле одредена приватност во овој момент. Има голема празнина во светот сега кога тој повеќе не е со нас. Но, како што би рекол, ‘Внимавајте на крофната, а не на дупката’“, се вели во објавата на Фејсбук.
Линч претходно ѝ откри на јавноста дека се бори со сериозни здравствени проблеми предизвикани од долгогодишното пушење. Во последните месеци од животот користел дополнителен кислород за повеќето активности, а како што самиот кажал, предизвик бил дури и кратка прошетка низ собата.
„Тоа е како да се шетате со пластична кеса над главата“, ја опиша својата состојба во неодамнешното интервју за People.
Во 2020 година, на Линч му беше дијагностициран емфизем, хронична опструктивна белодробна болест која значително го отежнува дишењето. Режисерот почнал да пуши на осум години, а цигарите станале нераскинлив дел од неговиот идентитет како уметник и режисер.