Во својата нова книга, „Кодовите на екстремистите“, Џералд Флејшман, поранешен портпарол на австриските канцелари Себастијан Курц и Карл Нехамер, ги истражува дезинформациите и влијанието на екстремизмот врз стабилноста на Европа.
Неговата книга ги истражува техниките и реториката на екстремистите низ политичкиот спектар за да разбере како екстремните идеологии ја загрозуваат европската демократија.
Во интервју за Euronews, Флејшман зборува како Германија и Австрија би можеле да ја зајакнат демократијата, за опасноста од т.н онлајн инфлуенсери во ширењето екстремни идеи и што имаат заедничко левичарските и десничарските екстремисти со исламистите.
Тој смета дека важно е да се продолжи со заложбите и на оваа книга – да донесе транспарентност, да ги едуцира луѓето и да нагласи дека многу од овие влијателни лица се всушност членови или таканаречени „агенти на свесност“ (што значи дека намерно работат во рамките на разузнавачка операција) кои работат за странски сили.
„Во исто време, верувам дека е клучно да се зајакнат традиционалните медиуми во Австрија, Германија, Швајцарија и низ Европа. Досега, традиционалните медиуми играа суштинска улога во одржувањето на демократијата преку создавање на заеднички јавен простор со заеднички правила и форма на колективен идентитет“, вели Флејшман.
Со падот на традиционалните медиуми – делумно поттикнати од овие радикални групи – овој заеднички јавен простор се губи. Младите се оддалечуваат од традиционалните медиуми, а многумина веќе воопшто не ги следат. Тука има две клучни прашања.
„Прво, впечатливо е што сите платформи за социјални медиуми потекнуваат од Америка, Русија или Азија (како Кина), но ниту една не доаѓа од Европа. Ова е политичко прашање. Второ, традиционалните медиуми се соочуваат со предизвикот да преминат во модерни, дигитални формати – социјални медиуми со содржина базирана на видео. Ова е познато како „социјално новинарство“, додава тој.
Флејшман потенцира дека многу од овие инфлуенсери се насочени кон младите луѓе, претставувајќи се како советници или ментори. Не е веднаш очигледно, дека тие всушност се членови на организации. Всушност, многу од овие инфлуенсери работат со методи на разузнавачка агенција. Општата цел е да се влијае на новата генерација млади луѓе и преку тоа да се дестабилизира западната демократија.
Во својата книга Флејшман ги објаснува и заедничките карактеристики на левичарските, десничарските екстремисти и исламистите. Според него, првата сличност е антисемитизмот, потоа форма на антиимперијализам насочен против Европа и САД, како и општ став против глобализацијата. Друга клучна карактеристика, смета авторот на книгата е субверзијата – овие актери работат тајно, без луѓето да забележат. Дополнително, сите тие покажуваат одредена фобија кон нивните противници. Уште неколку вообичаени особини вклучуваат поларизација, радикална реторика и акции.
Целта на книгата, додава Флејшман е да покаже кои се овие луѓе, кој стои зад нив и кои методи ги користат за да допрат до нашата помлада генерација.
„Кодовите на екстремистите“ од Џералд Флејшман е објавена на 1 февруари годинава. Тој како менаџер за комуникации работи за Австриската народна партија (ÖVP) од 2007 година. Во меѓувреме стана клучен советник и главен портпарол на канцеларите Курц и Нехамер.