Дезинформации на социјалните мрежи ги наведуваат мажите да бараат непотребна терапија со тестостерон

Британските ендокринолози предупредуваат дека ширењето на дезинформации на TikTok и Instagram довело до пораст на бројот на мажи кои се обраќаат во клиниките на Националната здравствена служба (NHS), барајќи терапија со тестостерон која не им е медицински потребна.

Според лекарите, ова дополнително ги оптоварува веќе пренатрупаните болници и ја нарушува грижата за пациенти со сериозни хормонални нарушувања.

Терапијата со тестостерон (TRT) е лек на рецепт кој се препорачува само за мажи со клинички докажан недостаток, потврден со симптоми и повеќекратни лабораториски тестови. Но, видеа што станаа вирални на социјалните мрежи лажно ја претставуваат терапијата како „животен додаток“ што го зголемува нивото на енергија, концентрација и либидо.

Професорот Чана Џајасена од Imperial College London, претседател на мрежата за андрологија при Британското здружение за ендокринологија, изјави дека „сите болници низ земјата сега примаат пациенти кои направиле приватни тестови промовирани преку инфлуенсери и добиле погрешен совет дека им е потребен тестостерон“.

„На националниот состанок опфативме 300 ендокринолози — сите потврдија дека неделно гледаат вакви случаи,“ рече тој. „Тоа ги полни нашите клиники и го нарушува пристапот до вистинска специјализирана грижа.“

Експертите предупредуваат дека земањето тестостерон без медицинска потреба може да ја потисне природната продукција на хормони, да предизвика неплодност, згрутчување на крвта, срцеви проблеми и нарушувања на расположението. Некои приватни клиники, според истрагата на The Guardian, дури почнале да го комбинираат тестостеронот со други лекови за да ги прикријат несаканите ефекти — практика налик на онаа кај корисниците на анаболни стероиди.

Иако во Британија е забрането рекламирање на лекови на рецепт, некои TikTok инфлуенсери со десетици илјади следбеници склучиле договори со приватни клиники за да промовираат тестови за тестостерон, користејќи попусти и наградни игри како мамка.

Во едно видео маж вежба со тегови додека вели: „Провери го својот тестостерон… прати ми порака за 20 фунти попуст.“ Во друго, бесплатен тест се нуди како „начин да го преземеш контролата врз своите перформанси“.

По пријавите на The Guardian, Агенцијата за стандарди во рекламирањето отвори истрага за можни прекршувања на правилата.

Приватните клиники наплаќаат меѓу 1.800 и 2.200 фунти годишно за целосен пакет на терапија — вклучувајќи лекови, консултации и следење. Но, според Џајасена, „најзагрижувачко е што на мажи со нормални хормонални вредности им се препишува тестостерон без никакви докази дека тоа е корисно“.

Тој додава: „Нема клинички причини мажи со ниво на тестостерон над 12 nmol/L да примаат терапија, а слушаме дека некои клиники започнуваат третмани дури и кај мажи со вредности под 18, што ја опфаќа речиси целата популација.“

Она што некогаш било медицински третман за ретка хормонална состојба, денес е претворено во комерцијализиран „lifestyle“ производ. Лекарите предупредуваат дека зад трендот стојат финансиски интереси и дезинформации, а последиците ги трпат и пациентите и јавниот здравствен систем.

„Ова не е прашање на мода или фитнес,“ завршува Џајасена. „Ова е прашање на здравје — и на вистинскиот баланс меѓу медицина и маркетинг.“

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни