Обединетите нации и хуманитарните организации со години предупредуваат дека мажи, жени и деца во Мали биле жртви на сексуално насилство од сите страни во конфликтот, вклучително и групни силувања и сексуално ропство. Сепак, вистинските размери на насилството остануваат скриени поради срамот и стравот во конзервативните и патријархални заедници, што им отежнува на жртвите да побараат помош.
Сведоштво на 14-годишно девојче
Еден од најтешките случаи е оној на 14-годишно девојче, пронајдено во импровизирана клиника во Мавританија, во животозагрозувачка состојба и со тешка инфекција по сексуален напад. Нејзиното семејство раскажало дека руски борци пред две недели упаднале во нивниот шатор во Мали.
Тетката на девојчето сведочи дека припадници на Африканскиот корпус, под закана со оружје, ја избркале целата фамилија надвор, го врзале нејзиниот вујко и му ја отсекле главата пред нивни очи. Потоа, двајца од напаѓачите ја однеле 14-годишната во шатор и ја силувале, додека семејството немоќно чекало надвор.
„Бевме толку исплашени што веќе не можевме ни да викаме“, раскажува тетката, додека мајката на девојчето тивко плаче. По нападот и по глетката на убиениот вујко, девојчето онесвестило. Следното утро, вооружените мажи им наредиле да си заминат.
Семејството тргнало на тридневно, исцрпувачко бегство кон границата со Мавританија, криејќи се од секој звук. По пристигнувањето, состојбата на девојчето драстично се влошила. Новинарите на АП ја пронашле како лежи на земја во дворот на една локална фамилија, која поради сиромаштија не можела да ја однесе на лекар.
Со помош на новинарите, девојчето било префрлено во бесплатна клиника на „Лекари без граници“ (MSF), каде лекар потврдил дека има јасни знаци на силување.
Ѕид на молк и срам
Во клиниката, за нешто повеќе од еден месец, биле примени три жртви на сексуално насилство, изјави управителката Елидје. „Сигурни сме дека има многу повеќе случаи, но многу малку жени се јавуваат на лекување затоа што ова е силно табу“, рече таа, додавајќи дека жртвите доаѓаат дури кога состојбата станува сериозна.
Дополнителен проблем е и срамот кај локалниот медицински персонал, кој тешко се осмелува да поставува прашања за деталите од нападите.
Сведоштва од бегалците
Во последните недели, илјадници нови бегалци од Мали, главно жени и деца, пристигнале во Мавританија. Тие живеат во импровизирани засолништа, додека најблискиот бегалски камп е пренатрупан.
Две жени, со покриени лица, за АП раскажале дека „наоружани бели мажи“ упаднале во нивното село, им ги запалиле куќите и им ги убиле сопрузите. „Се обидоа и да нè силуваат“, рекла едната од нив. Другата, видно потресена, не можела ни да зборува.
Во одделни разговори, трета жена рекла дека тоа што ѝ се случило „останува меѓу Бог и мене“, додека четврта сведочела дека вооружени мажи ја одвеле нејзината 18-годишна ќерка, која никогаш повеќе не ја видела.
Обвинувања кон поранешната група Вагнер
Сведоштвата укажуваат на припадници на поранешната група Вагнер, која сега дејствува под името Африкански корпус. Руското Министерство за одбрана не одговорило на прашањата на АП, додека една руска државна агенција, означена од САД како дел од „кремљовска дезинформациска мрежа“, истрагата ја нарекла лажна.
Обвинувањата за силувања и сексуално насилство ја следат Вагнер со години. Во извештај од 2023 година, ОН наведоа дека најмалку 58 жени и девојчиња биле силувани или сексуално нападнати за време на операции на малиските сили и „наоружани бели мажи“. По објавувањето на извештајот, владата на Мали ја протера мировната мисија на ОН, што дополнително го отежна собирањето податоци.
Четиринаесетгодишното девојче од почетокот на приказната полека се опоравува и е под психијатриска грижа, но хуманитарните работници предупредуваат дека безброј други жртви никогаш нема да проговорат.
„Се чини дека конфликтот со години станува сè побрутален. Сè помалку се цени човечкиот живот без разлика дали станува збор за мажи, жени или деца“, изјави низ солзи претставничка а MSF.
Извор: Index.hr
