Неколку досегашни студии го потврдија зачестувањето на психолошките проблеми кај младата популација за време на пандемијата. „Се чини дека младите девојки потешко ги поднесуваат социјалните ограничувања“, пишува специјализираниот портал за доктори „Gelbe liste“.
Во Британија, истражувачите предводени од д-р Перл Мок од Универзитетот во Манчестер ги разгледале податоците од британското медицинско досие. Биле испитани податоците на над девет милиони млади луѓе на возраст меѓу десет и 24 години, кои се консултирале со општ лекар во периодот од 2010 до март 2022 година.
Со почетокот на пандемијата, пишуваат научниците, бројот на адолесцентни девојчиња (од 13 до 16 години) кои се појавиле поради нарушувања во исхраната се зголемил за 42,4 отсто. Кај девојчињата (од 16 до 19 години) за 32 отсто.
Кај другите возрасни групи, како и кај момчињата, такви промени не се забележани. Напротив, имало помалку пријави за вакви проблеми кај момчињата.
Сличен тренд може да се забележи и кај самоповредувањето, како што е сечењето на кожата со жилет или нож. За овие случаи, научниците од Британија откриле дека кај девојчињата (од 13 до 16 години) се зголемиле за 38,4 отсто за време на пандемијата.
Зачудувачки е што ваквите случаи се зголемени особено кај девојчињата од подобро ситуирани семејства. Д-р Мок тоа го припишува на фактот што таквите семејства се повеќе склони да го носат своето дете на лекар поради психолошки проблеми.
И резултатите од новата германска студија посочуваат во иста насока. Таму биле испитани податоците на околу дванаесет милиони млади здравствени осигуреници за периодот од 2014 до 2021 година.
Откриено е дека зачестеноста на депресивните растројства се зголемила за 27 проценти помеѓу 2019 и 2021 година. Девојчињата на возраст од 15 до 17 години биле погодени три пати почесто од момчињата на иста возраст.
„Податоците за анорексија се алармантни“, оценува порталот „Gelbe liste“. Бидејќи фреквенцијата на анорексија кај децата и младите се намалуваше пред пандемијата, достигнувајќи 4,1 случај на 10.000 млади луѓе.
Но, по пандемијата, бројката скокна на 7,1 случај на 10.000 млади луѓе, што е зголемување за 74 проценти.
Тоа е „ранлива фаза од животот“, вели Доминик фон Стилфрид, првиот човек на Централниот институт што ја спроведе студијата. Фаза која, додава, може да има влијание на целиот живот.
Фон Стилфрид претпоставува дека бројот на деца со ментални потешкотии е уште поголем, но дека тие не одат на лекар или пак се откажуваат поради комплицираната процедура.
Извор: DW