Сите надворешни далекуводи што ја напојуваат со струја украинската нуклеарна електрана Запорожје се прекинати, соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
„Украинската нуклеарна централа во Запорожје целосно остана без надворешно електрично напојување денеска во 17:36 часот. Ова е деветти пат од почетокот на воениот конфликт и првпат од крајот на 2023 година“, објави МААЕ на платформата Икс (поранешен Твитер).
Централата, која се наоѓа на територија под руска контрола, моментално се потпира на дизел-генератори за да ги одржува потребните температури за реакторите, соопшти агенцијата.
Иако ниту еден од шесте реактори не работи, централата мора да има струја за системите за ладење, кои се неопходни за одржување на безбедноста.
МААЕ не наведува причина за прекинот на струјата, но ситуацијата се смета за исклучително ризична, имајќи предвид дека и претходните прекини на напојување предизвикуваа сериозна загриженост меѓу нуклеарните експерти и меѓународната јавност.