Деветти ден од блокадите: Голем протест во Ужице поради апсење на шест лица, МВР Србија тврди дека биле легитимирани 800 граѓани

Во Србија продолжуваат протестите и блокадите, девет дена по започнувањето на граѓанското незадоволство предизвикано од апсењата на повеќе активисти и граѓани. Понеделникот помина во знакот на интензивни собири, а особено голем одѕив имаше во Ужице, каде што се одржа масовен протест поради приведувањето на шест лица.

Министерството за внатрешни работи објави дека сите блокади се отстранети и дека во текот на ноќта се извршила проверка на идентитетот на 800 лица. Од нив, 18 биле спроведени во полициски станици.

Меѓу приведените се и адвокатот и општинскиот советник Радован Новаковиќ, како и активистите Павле Чичвариќ и Дејан Ќосиќ. Тие се изведени на сослушување, потврдуваат извори од терен.

Адвокатот Михајло Крстиќ, кој беше присутен во Ужице, изјави дека апсењата биле неосновани и непотребни и најави дека адвокатската фела нема да остане нема на вакви постапки.

Граѓаните што се собираат на протестите тврдат дека се мета на прекумерна репресија, додека институциите инсистираат дека постапуваат согласно законот и во интерес на јавниот ред и мир.

Протестите во Србија почнаа откако граѓански иницијативи и еколошки групи го кренаа гласот против спорни одлуки и постапки на властите, а поддршката на јавноста, особено во западниот дел од земјата, расте од ден на ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни