Горазд Китановки – Кени, Валерија Дамчевска, Матеј Петров, Стефанија Граовац, Даница Лепојевиќ, Виктор Спасески, Горан Анчевски, Живко Грозаданоски и Јован Лешов се деветмината финалисти, кои ќе настапат вечерва на главното финале на 15. издание на националниот „Поетски слем Македонија“, кој се одржува во Прилеп од 9 до 12 октомври.
Финалниот натпревар ќе се одржи во НУЦК „Марко Цепенков“ со почеток во 20:30 часот.
За титулата национален претставник синоќа се натпреваруваа дваесетина учесници и учеснички на различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија, вклучително и од градовите Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Охрид и Велес.

Салата на киното „Мис Стон“ беше полна со вљубеници во поезијата и во поетскиот перформанс, а од публиката беше избрана петчлена жири-комисијата, којашто гласаше после секој настап на учесниците.
Оттаму, публиката се упати во кафе-галеријата „Лувр“ каде што се отвори и интерактивната изложба на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш.
Денес, на третиот фестивалски ден, ќе се одржат повеќе настани.
Од 12 часот во галеријата НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп ќе се одржи работилница и промоција на „Еден маж и една жена, или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и пишување“ со Елена Пренџова. Потоа во кафе „Чоше“ ќе се одржи слем-кафе со Олд Скул Селектор.
Во кафулето „Тротоар“ со почеток во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Ние сме Ева“ на Оливера Андоноска. Во 19 часот на истата локација ќе се одржи промоција на поетската книга „Небо трето“ на Ѓоко Здравески, на која со свој поетско-музички перформанс ќе настапат авторот, Дејан Спасовиќ и Перо Сарџоски.
Настаните продолжуваат во НУЦК „Марко Цепенков“ со настап на специјалниот гостин од Белгија, Кевин Амсе, кој настапува во рамки на интернационалната програма. Слемерот Кевин Амсе, кој неколку години по ред бил финалист на Белгиското слем-првенство, ќе настапи на фламански и холандски јазик, а публиката ќе има можност да се запознае со неговите стихови благодарение на препевот на македонски на Ели Пујовска и на фондацијата „Фландерс Литрача“.
После финалето на слемот, концерт ќе одржи македонскиот состав „Пијан Славеј“.
Последниот фестивалски ден (12 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање.
Во рамки на годинешниот „Поетски слем Македонија“ објавени и презентирани се две книги: Збирка поезија – „15 години Поетски Слем Македонија“ и „Избор слем поезија“ од Кевин Амсе од Белгија, во препев на Ели Пујовска.
Дизајнот е на Владимир Лукаш.
Литературната манифестација „Поетски слем Македонија“ е во организација на Театарска работилница – Прилеп.