Мултимедијалниот уметник Глигор Кондовски за прв пат е дел од фестивалот Скопско лето, публиката ќе има можност да го слушне на концертот во сабота, на 15 јули, во Сули ан. Тој има сериозно аудиовизуелно искуство зад себе, создадено со работа во областите на музиката, фотографијата и филмот, а на сите негови албуми се преплетуваат приказни од неговиот живот.
Инспирацијата и креацијата се дел од секојдневието на Глигор Кондовски. Неговото творештво е мултимедијално и со секој збор, слика, тон или филмски кадар трага по индивидуалната слобода. Зад себе веќе има сериозен аудиовизуелен багаж, кој во последно време сѐ почесто го претставува пред културната јавност.
Трн: Прв пат си дел од Скопско лето и тоа имаш можност да изведуваш музика во прекрасниот Сули-ан. Колку овој простор ги задоволува акустичните потреби за еден концерт и колку влијае просторот на изведбата? Со каква музика ќе се претставиш? Дали ќе имаш и придружба на сцена?
Глигор: Големо е задоволството и што сум дел од програмата на фестивалот Скопско лето, и тоа што ќе се одвива помеѓу ѕидините на убавиот историски Сули Ан. Просторот задоволува многу повеќе од тоа што ние можеме да си замислиме, и секако дека овој стил на музика на свој начин си се сместува во овој простор и како приказна и како звук. Амбиентално – синематскиот стил е нешто што не се класифицира во некаков стил, туку самиот збор ја потенцира нарацијата на музиката која се изведува. Генерално е музика која повеќе поддржува филмски кадар и му дава емоција на визуелниот простор, но секако може и да се изведува во живо доколку не е стриктно филмска музика, туку е и музика која носи и своја динамика за изведба во живо. Настапувам сам. Често многу изведувачи кои создаваат ваков стил на музика, настапуваат сами. Во некоја следна прилика, би сакал да настапувам со оркестар, но за тоа е потребна финансиска поддршка. Се надевам во иднина кога ќе аплицирам повторно во Министерство за култура, ќе помине мојот проект и ќе ми помогне со поддршка за некаков камерен состав, на сцена.
Трн: Каква порака пренесуваш со твојата музика? Имаш 6 албуми зад себе, што е заедничко за сите нив? Каква инспирација треба за да создадеш албум?
Глиор: Пораките се различни, иако носат некоја сличност помеѓу себе. Од личен живот, до восприемани општествени, психолошки, политички, а пред се и културолошки ставови, се како еден вид сензитивно бунтовништво. Детската слобода е многу важен извор за да создадеш едно дело, и јас се трудам да можам да се навратам на идејни решенија кој сум ги создавал како дете. Во спротивно ќе стојам на една линија која е удобна и слободата ќе премине во заробеништво. Учиме, осознаваме правила, за на крајот да ги прекршиме, а најважно и да чекориме бунтовнички за да оставиме трагови во времето во кое живееме и создаваме. Секогаш е сериозно време, да не е, тогаш би биле совршени човекови битиа. Затоа од првиот албум издаден во 2009 година насловен како Crumbly Secret, следат приказни како што се: “Here” или “тука”, преку “Hover” или “лебдење”, до “Encounter” или “средба”, наслови со испреплетени хармонии кои раскажуваат четива поврзани со случувањата кои не опкружуваат во оваа мала земја, а и мојот личен живот.
Трн:Како се случи соработката со ПМГ Џез и Мирко Попов? Каква музика заедно продуцирате?
Глигор: Ние со Мирко Попов се познаваме скоро 15 години. Тогаш постоеше само ПМГ Рекордингс. Денес, постои и ПМГ Џез, а воедно тука е издавач, продуцент и Владан Дробицки покрај тоа што е џез музичар и тромбонист. Тие се мои пријатели и издавачи на сето тоа што го работам и сум им многу благодарен што стојат позади мојот креативитет и го поддржуваат. А, тоа што го создавам како стил и звук, е тешко некој да го послуша, а не да го издаде во оваа земја. Тоа е екипата кој се труди да создаде современа македонска музика и цврсто стоиме на маргините да докажеме дека постоиме на овие простори. Музика од екипа на големи професионалци и музичари кои носат голем талентиран потенцијал во себе, на светско ниво. Исто така би споменал дека на 21 јули, во кафулето Буква настапувам јас и Кантон6, музика која се создава во издание на ПМГ Џез.
Трн: Неге, Беседа и Hover се изданија на Шарла, кој звук преовладува на овие изданија?
Глигор: Давид Ангелевски е исто еден одличен продуцент и издавач кој добро ја познава светската сцена. Таа соработка се случи преку социјалните мрежи, а и логично денес изданијата се движат во дигитална форма, ретко во физички изданија. Тоа се албуми кои не се одвојуваат премногу со звукот од мојот последен соло албум: “Encounter” во издание на PMG JAZZ. Албумот: “Here” наликува на мојот последен албум, приказна која не е многу различен од тоа што преку инструменталното музичко расположение кое преовладува, раскажува приказна. Албумот го создавав во период на светската криза предизвикана од КОВИД, и самиот амбиентален стил има болка кон сето тоа што се случува во нашата земја, од општестевено, политичко и пред се, највеќе до културно делување. Со овој албум го надоврзувам и албумот: “Hover”,а Беседа е малку различен во тоа што е импровизациски соло албум на мојот нераскинлив дел од мене, инструментот виолината како револолуција на слободното свирење што се одвива во албумот.
Трн: Со кои имиња имаш соработувано оттука?
Глигор: Првата соработка со PMG JAZZ, и албумот издаден заедно со Владан Дробицки на тромбон, албумот: “Nightscape”. После тоа следеше трио на амбиентално патешествие со вокал и текстови помеѓу мене, Владан Дробицки на тромбон и Марија Каева како вокал. Паралелно создадовме уште едно трио на импровизациски неконцептуален џез каде покрај јас и Владан, се вклучи и Дени Омерагиќ на контрабас. Со тоа трио издадовме три албума: “Away” и “Outcasts”, и со истото трио настапивме во КИЦ – Салон 19, 19 со самостоен концерт, во јуни, оваа година. Тука некаде измеѓу го издадов и соло албумот “Encounter”.
Трн:Бидејќи се занимаваш и со филм и со фотографија, има ли нешто што е заедничко за сите уметности? Што е она што провејува во сите нив?
Глигор: Уметниците се мултимедијални. Некаде по светот постојат и училишта кои се занимаваат со такви интердисциплинарни студии, каде уметниците прават комбинација помеѓу визуелна и аудитивна уметност. Ние и во Македонија имаме успешни композитори кои биле и успешни филмски режисери, како што тоа е случај секаде во светот. Многу режисери имаат свои музички бендови, имаат свои музички студија каде креираат и музика. Многу композитори биле и ликовни уметници. Тој што е уметник, е уметник. Тоа е негова работа, која се разбира не е различна од останатите професии, но е нешто што треба да му биде поттик за инспиративни комбинации помеѓу уметностите. Филмот и музиката се временски уметности, а и филмот како последна седма уметност е соочена со многу преплетени уметности која таа ги користи. Фотографијата е еден мој момент на интуитивно чувство каде окото кое забележува сака да му остави печат, па оттука и честа инспирација кон создавање на композиција. Личниот живот и согледувањата на животот се генерално приказните кои продолжуваат да се дел од моето создавање.
Трн: Што може да очекуваме до крајот на годината од тебе?
Глигор: После настапот на Скопско лето и во Буква, следи мојот документарен филм: “Сонцето не свети на сите страни”. Премиерно на Астерфест во Струмица, оваа година. Филмот е под “Револушн Продукција”, на продуцентот Дејан Милошевски. После тоа продолжувам со една самостојна изложба на фотографии насловена како Импровизации, која треба да се случи во Ноември оваа година во КСП – Јадро. Паралелно, спремам нов соло албум.