Во координирана акција на Европол, Интерпол и повеќе национални полициски служби, затворени се две интернет страници со повеќе од 21.000 видеа со детска порнографија, а 14 лица се уапсени во неколку европски земји, соопштија од европската полициска агенција.
Според истрагата, страниците функционирале како приватни онлајн мрежи, достапни преку шифрирани линкови и криптовалути. На нив биле објавувани снимки и фотографии на жртви од различни земји, а регистрирани биле над 860.000 корисници од целиот свет.
Европол истакна дека ова е една од најголемите операции против онлајн сексуална експлоатација на деца во Европа, спроведена во соработка со полициските служби од Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Полска и САД. Дел од уапсените се администратори на страниците, а неколкумина се идентификувани како лица кои лично снимале и споделувале експлицитни содржини.
Во тек е форензичка анализа на серверите и мобилните уреди, а властите очекуваат да идентификуваат уште најмалку 400 жртви, меѓу кои и малолетници под 10-годишна возраст. Според истражителите, дел од материјалите потекнуваат од нови случаи на злоупотреба кои досега не биле пријавени.
Европол упати апел до интернет-платформите и компаниите за хостинг да соработуваат во пронаоѓањето и отстранувањето на ваквите содржини, потенцирајќи дека „борбата против сексуалната експлоатација на деца е глобален приоритет и мора да биде заедничка одговорност“