Група десничарски активисти денеска се собраа пред станот на загрепскиот градоначалник Томислав Томашeвиќ, каде што од 11 часот пееја песни на Марко Перковиќ Томпсон во знак на протест откако градските власти не одобрија втор концерт планиран за денеска.
Меѓу присутните беа и Дражен Келеминец, претседател на А-ХСП, како и Алин Кавур, општински советник во Дубрава. Според медиумските извештаи, на собирот имало околу 30 демонстранти и приближно исто толку полицајци.
За време на протестот беше изведена и песната „Бојна Чавоглаве“, при што беше извикуван слоганот „За дом спремни“, а беше развиено и знаме на ХОС со истиот натпис. Полицијата ја затвори улицата и подигна полициски дрон за надзор на состојбата.
Од собирот беа упатени и низа навредливи и политички пораки кон градоначалникот и платформата Можемо, како и најави за покренување иницијатива за негово политичко отповикување.
Томашeвиќ претходно предупреди дека на Томпсон ќе му бидат забранети идни настапи во градски простори доколку повторно се користи спорниот слоган. Во меѓувреме, Градско собрание на Загреб усвои заклучок со кој се забранува користење слогани и обележја што поттикнуваат омраза во сите градски простори, вклучително и поздравот поврзан со усташкиот режим од Втората светска војна.
Синоќа, на концерт во Арена Загреб, Томпсон јавно повика на смена на Томаšeвиќ и градската власт „на редовни или вонредни избори“, оценувајќи ги потезите на градот како „напад врз темелите на хрватската држава“.
