Дваесеттина етаблирани уметници од 16 држави од целиот свет ќе учествуваат на десеттото јубилејно издание на Меѓународниот ликовен симпозиум што од денеска ќе се одржува во Струга.
Симпозиумот ќе понуди богата и разновидна програма, со фокус на меѓународна соработка, креативност и културна размена. Уметниците ќе работат на отворено, инспирирани од Охридското Езеро и убавините на регионот. Во рамки на програмата ќе се организира тркалезна маса посветена на состојбата со ликовната уметност и улогата на симпозиумите, со цел формулирање конкретни препораки за унапредување на уметничката сцена.
Уметниците од Македонија, Бразил, Турција, Италија, Германија, Малта, Романија, Унгарија, Србија, Косово, Палестина, Албанија, БиХ, Швајцарија ќе творат на повеќе локации во Струга, за на 29 јуни во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ да ги претстават своие дела создадени во текот на Симпозиумот.
Посебен гостин ќе биде фотографот Ромир Имами од Швајцарија, кој ќе одржи едукативна работилница на тема „Како да ги дигитализираме уметничките дела“.
Настанот е отворен за јавноста и претставува одлична можност за граѓаните, туристите и љубителите на уметноста да се запознаат со процесот на создавање уметност и да бидат дел од оваа културна приказна.
Организатор на симпозиумот е Здружението за уметност и култура „SILINDAR’T“ раководен од професорот Бурхан Ахмети, со поддршка од повеќе донатори. Куратори се уметниците Берат Зулбехари и Верим Зендели, додека Јелдез Асани ќе настапи како ликовен критичар.
Инаку, Меѓународниот ликовен симпозиум – Струга ’25, претставува културен настан со значаен придонес кон визуелната уметност и културниот туризам во регионот.