Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител, соопшти дека денеска се приведени десетина вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) и дека се вршат претреси на повеќе локации. Предистражната постапка е поврзана со предметот за Кочани, но постапката ќе се води во Кочанското обвинителство.
„Местото на извршување е на тоа подрачје. Ако се појават нови елементи за други кривични дела, предметот евентуално може да се пренесе во ОЈО ГОКК. Но, според првичните сознанија, надлежно е Кочанското обвинителство“, изјави Коцевски.
Лицата се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за давање и примање мито. Државниот обвинител нагласи дека овие дела немаат врска со другите тековни случаи поврзани со Кочани.
„Во моментов не можам да откријам на кои позиции во УЈП се опфатените лица, бидејќи сè уште се собираат генералии. Според моите информации, Обвинителството ќе предложи мерки за приведените“, рече Коцевски.
Тој додаде дека за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, рокот на застареност е пет или три години, додека за делата поврзани со поткуп, рокот е подолг. „Ако постои застареност, обвинителот нема да презема никакви дејства“, заклучи Коцевски.
