Руски напади со беспилотни летала ноќеска и изутринава предизвикаа бројни пожари низ цела Украина. Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во руски напад со беспилотно летало во источниот украински регион Дњипропетровск, јавуваат локалните медиуми и светските агенции.
Според информациите на „Украинска правда“, цел на нападот со самоубиствен дрон бил автобус што превезувал работници во местото Марганец во раните утрински часови во средата.
Ројтерс, повикувајќи се на официјални лица, исто така известува дека цел на нападот бил автобусот со работници и дека Русија извршила бран напади врз цивилната инфраструктура во источна, јужна и централна Украина.
Нападите се случиле откако и рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски сигнализираа дека би биле подготвени да преговараат за договор со кој би се забраниле нападите врз цивилна инфраструктура.
Европски и американски претставници ќе се сретнат со украинска делегација во среда во Лондон за понатамошни мировни преговори, по состанокот во Париз минатата недела. Во Вашингтон пак се очекува одговорот на Киев за мировната рамка што бара Украина да ја прифати руската окупација, објави Axios.
Украинската служба за итни случаи соопшти дека имало напад и врз округот Синелниковски во Дњипропетровската област, при што биле повредени две лица и предизвикан пожар во земјоделско претпријатие.
Русија, исто така, покрена „масивен“ напад со дронови врз централниот украински регион Полтава, при што беа повредени најмалку шест лица, објави итната служба на Телеграм.
Две лица беа повредени во напад со дрон врз цивилна инфраструктура во предградијата на црноморскиот пристанишен град Одеса, што исто така предизвика неколку пожари, објави на Телеграм Олег Кипер, гувернер на Одеската област во јужна Украина.
Големи пожари избувнаа и како резултат на руски напад со дрон врз вториот по големина украински град Харкив, напиша на Телеграм градоначалникот Игор Терехов.
Противвоздушната одбрана била ангажирана и при одбивање напади врз Киевската област, но нема извештаи за евентуални штети.