Со јасна порака дека нема да се откажат од своите барања, земјоделците од цела Грција попладнево протестираат на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, каде што со десетици трактори пристигнаа пред зградата на Парламентот.
Според проценките, околу 50 трактори се паркирани пред законодавниот дом и таму ќе останат до утре наутро. И покрај дождот, демонстрантите не се откажаа од протестот. При влегувањето во центарот на градот, колоната трактори беше поздравена со аплауз од граѓани и случајни минувачи кои им изразија поддршка.
Земјоделците велат дека нивните клучни барања остануваат неисполнети и дека се разочарани од владината политика. Тие посочуваат дека трошоците за производство се и натаму високи и дека мерките што им биле ветени не донеле конкретни резултати.
„Се сретнавме со премиерот, разговаравме на највисоко ниво, но наидуваме на ѕид. Производствените трошоци остануваат високи, а од ветувањата не е исполнето речиси ништо“, изјави за МИА земјоделецот и сточар Вакис Циобанидис од регионот Еврос.
Слична порака испрати и земјоделец од Лариса, кој нагласи дека без суштински промени примарниот сектор не може да опстане. „Не можеме да преживееме со вакви трошоци“, рече тој.
На протестот учествуваат земјоделци од различни делови на земјата. Првите во Атина пристигнаа од Крит со траект, додека од северна Грција и Пелопонез дојдоа организирано со автобуси и автомобили. Тракторите од централна Грција беа транспортирани со камиони до влезот на градот, а потоа во полициска придружба се упатија кон центарот.
Периферијата Атика постави и пункт за превентивна дезинфекција на тракторите како мерка за заштита од сипаници кај овците и козите.
Претставници на земјоделците одржуваат говори пред Парламентот, а најавено е дека утре организирано ќе го напуштат главниот град. Сличен протест се одржа и во 2024 година, кога повеќе од 150 трактори останаа преку ноќ пред грчкиот Парламент.
Земјоделците, кои во декември и јануари 55 дена поставуваа блокади на патишта и гранични премини, велат дека протестот во Атина е нов обид да извршат притисок врз владата за решавање на нивните долгогодишни проблеми.