Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на чешката престолнина Прага за да му дадат поддршка на претседателот Петр Павел, кој се наоѓа во остар политички судир со министерот за надворешни работи Петр Макинка и дел од владината коалиција.
Протестите се одржаа на Староместскиот плоштад и во долниот дел на Вацлавскиот плоштад, а беа организирани и во други чешки градови од граѓанската иницијатива „Милион моменти за демократија“. Апелот на иницијативата под слоганот „Стоиме зад претседателот“ досега го потпишале повеќе од 606.000 граѓани.
Закани преку СМС пораки – искра за протестите
Повод за масовното незадоволство биле ноќни СМС пораки што, според медиумските извештаи, министерот Макинка му ги испраќал на претседателот Павел. Во пораките се содржеле закани дека улогата на претседателот во НАТО ќе биде ограничена доколку не го именува Филип Турек за министер за животна средина.
Павел одбива да го именува Турек, наведувајќи ја неговата екстремистичка позадина, расистички и ксенофобни изјави, како и низа инциденти и прекршувања на законот. Турек е познат и како политички инфлуенсер, а неговото евентуално именување предизвика силни реакции во јавноста.
Обвинувања за кршење на Уставот
Од друга страна, Макинка, кој е лидер на малата коалициска партија „Мотористи за себе“, тврди дека претседателот со одбивањето да го именува Турек го крши Уставот. Тој најави дека за случајот ќе се обрати и до НАТО и Европската Унија.
„Одбраната на демократијата не е наивност“
Демонстрантите носеа чешки и европски знамиња, како и транспаренти насочени против Макинка и владата, предупредувајќи на загрозување на демократските вредности и институционалниот баланс на власта.
Претседателот Павел јавно им се заблагодари на граѓаните за поддршката, нагласувајќи дека одбраната на демократијата, пристојноста и владеењето на правото не е наивност, туку неопходен одговор на политика лишена од вредности.
