Десетици илјади граѓани се собраа на најголемиот антивладин протест во Чешка од 2019 година, изразувајќи незадоволство од политиките на премиерот Андреј Бабиш, особено поради намалувањето на одбранбените трошоци и стравувањата за независноста на медиумите.
Според организаторите, на протестот учествувале околу 250.000 луѓе, кои се собрале во парк со поглед кон историскиот центар на Прага. Демонстрантите носеле чешки и знамиња на Европска унија, испраќајќи порака дека иднината на земјата ја гледаат во европскиот демократски курс.
„Тука сум затоа што ми е грижа за иднината на мојата земја“, изјавил 22-годишниот Томаш Халоупка. Тој додал дека е загрижен од обидите на владата да влијае врз слободните и независни медиуми.
Страв од „патот на Унгарија“
Протестот го организираше движењето Милион моменти за демократија, кое предупреди дека Чешка може да тргне по патот на Унгарија или Словачка – земји кои веќе имаат судири со Европска унија околу владеењето на правото.
„Не сакаме да станеме како Унгарија. Не сакаме ни да го следиме патот на Словачка. Време е да се разбудиме“, изјави наставничката Хана Маланикова.
Судир на врвот на власта
Андреј Бабиш и неговата популистичка партија АНO се вратија на власт во декември, по четири години во опозиција, формирајќи влада со десничарски и крајнодесничарски партнери.
Во меѓувреме, дојде до судир со претседателот Петар Павел, особено околу изборот на министри и одбранбената политика. Претходен протест во негова поддршка во февруари собра околу 90.000 луѓе.
Загриженост за медиумите
Критичарите на владата предупредуваат и за плановите за промена на финансирањето на јавната телевизија, што, според нив, може да ја загрози нејзината независност.
Дополнително, се разгледуваат построги правила за објавување информации поврзани со невладини организации – потег што дел од јавноста го гледа како ограничување на граѓанскиот сектор.
Андреј Бабиш, кој изгради бизнис империја во прехранбениот, хемискиот и земјоделскиот сектор, веќе беше премиер од 2017 до 2021 година. Слични масовни протести беа организирани и во 2019 година, кога на улиците излегоа повеќе од 200.000 луѓе.
Актуелните случувања покажуваат дека политичките тензии во Чешка повторно растат, со јасна порака од дел од граѓаните: демократијата и независните институции не смеат да бидат доведени во прашање.