Десет претстави на 31. ФКТ „Ристо Шишков“, ќе се одржи oд 8 до 13 септември во Струмица

Триесет и првото издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ ќе се одржи од 8 до 13 септември во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Фестивалот традиционално започнува на Денот на независноста, а годинава на програмата се 10 остварувања од Македонија, Бугарија и Словенија.

„Ристо Шишков“ ќе се отвори на 8 септември, во 20 часот, со настап на актерите од Велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“ и претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија Ненад Витанов.

На 9 септември ќе се изведат претставите „За нас почнува живот“, независен проект во режија на Дејан Пројковски (20 ч.) и „Бог на масакрот“ во режија на Милош Андоновски, на Тетовскиот театар (22 ч.), додека следниот ден (10 септември) се настапите на Штипскиот театар со „Роденден“ во режија на Васил Христов (20 ч.) и Битолскиот со „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ (22 ч.)

На 11 септември Кумановскиот театар ќе ја изведе „Соѕвездија“ во режија на Нела Витошевиќ (19 ч.), по што следуваат гостите од Словенија, односно Театрите од Копер и Трст ќе се претстават со „Лепа Вида“ во режија на Марјан Неќак (22 ч.).

Македонскиот народен театар на 12 септември (20 ч.) ќе настапи со претставата „Лагата“ во режија на Бесфорт Идризи, а потоа следува Струмичкиот театар со „Пчелите ќе умрат“ во режија на Драгана Таневска (22 ч.).

Фестивалот ќе се затвори со гостување од Бугарија, на Драмскиот куклен театар од Враца со „Убавицата од малиот град“ од Ник Апер (19,15 ч.), по што следува доделувањето на наградата на фестивалот.

Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда, највисокото актерско остварување „Ристо Шишков“, кое се состои од златен медалјон со ликот на големиот актер и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе го предводи ланската лауретка, актерката, Дарја Ризова, писателот и професор на ФДУ, Иван Додовски и актерката Мими Таневска.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи промоција на книгата „Аспекти на камерниот театар“ од Тодор Кузманов и Гоце Ристовски, а промотор ќе биде Јоана Шишкова.

Фестивалот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни