Десет години од терористичките напади во Париз: Борци на ИС пукаа врз луѓе на концерт

Додека Франција ја одбележува десетгодишнината од масакрот во концертната сала „Батаклан“, јавноста повторно е потсетена на трајната закана од џихадистички напади, пишува BBC.

Најтешкиот напад во поновата историја на Франција

Поранешната девојка на единствениот преживеан напаѓач од нападите во ноември 2015 година е уапсена под сомнение дека планирала сопствен насилен чин. Маева Б., 27-годишна Французинка која се преобратила во ислам, воспоставила врска преку писмена комуникација со Салах Абдеслам (36), кој ја издржува својата доживотна затворска казна во близина на белгиската граница. Тој беше осуден на доживотен затвор во 2022 година.

Кога чуварите откриле дека Абдеслам користел USB со џихадистичка пропаганда, истрагата ги довела до неговите контакти со Маева Б. При претрес на нејзиниот компјутер и телефон биле пронајдени докази дека можеби подготвувала напад. Таа од понеделник е под судска истрага заедно со две други лица.

Додека земјата се сеќава на најсмртоносниот терористички напад во својата модерна историја, ова уапсeње повторно ја насочува вниманието кон заканата што никогаш целосно не исчезна.

На 13 ноември 2015 година, во вечерните часови, вооружени напаѓачи и бомбаши самоубијци поврзани со Исламска држава изведоа серија координирани напади, кулминирајќи со крвавиот упад во концертната сала „Батаклан“ во источен Париз.

137 загинати, меѓу нив 90 во „Батаклан“

Претходно, тројца бомбаши самоубијци се разнеле пред стадионот „Стад де Франс“, каде се играла меѓународна фудбалска утакмица. Потоа, други членови на групата отвориле оган од калашникови по посетители на барови и ресторани во близина на концертната сала.

Токму додека започнувал настапот на американската група The Eagles of Death Metal, тројца напаѓачи влегле и нeселективно пукале по присутните. Тие зеле и заложници, а при интервенцијата на полицијата се разнеле.

Вкупно беа убиени 137 лица, а повеќе од 400 беа хоспитализирани. Илјадници други претрпеа трајна психолошка траума. Од тогаш, името „Батаклан“ во Франција стана симбол на екстремната исламистичка закана – како што за САД тоа е 11 септември.

Заканата се менува, но не исчезнува

Иако Франција подоцна се соочи со други напади – како масакрот во Ница во 2016 година и убиството на професорот Самуел Пати во 2020 година – нападите од 13 ноември остануваат најорганизирани и најсмртоносни.

Со слабеењето на Исламска држава во Сирија и Ирак, можностите за планирање големи координирани напади значително се намалени. Но, според експертот за Блискиот Исток Жил Кепел, новата закана доаѓа од внатрешноста:

„Заканата сега е домашна, многу помлада и се шири преку пријателства и мрежи на истомисленици, без директни наредби.“

Тој предупредува дека политичката криза во Франција – со поделениот парламент каде екстремната левица и десница добиваат сила – ја зголемува ранливоста на општеството.

Комеморации низ Париз

Комеморативни настани ќе бидат одржани на сите локации погодени од нападите, а централната церемонија ќе биде отворањето на паркот „13 ноември“ во близина на градското собрание.

Вечерва Ајфеловата кула ќе биде осветлена во црвена, бела и сина боја – боите на француското знаме. Француските медиуми се исполнети со сведоштва на преживеаните, кои зборуваат за траумите што ги носат со години.

Во необичен развој на настаните, Салах Абдеслам, преку својот адвокат, соопштил дека би бил подготвен да учествува во процес на „ресторативна правда“, во кој жртвите и сторителите се среќаваат за да разговараат за последиците од злосторството.

Некои семејства размислуваат за оваа можност, но други се остро против. Лоран Сурисо, карикатуристот „Рис“, кој беше ранет во нападот врз „Шарли Ебдо“ неколку месеци пред „Батаклан“, ја нарече понудата „перверзна“.

„Ресторативна правда е за други видови криминал. Абдеслам сака да веруваме дека неговиот злостор е ист како секое друго. Но не е“, категоричен е Рис.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни