Десет години фестивалот „Под земја полесно се дише“ ја редефинира независната сцена

Во гаражите под плочникот, зад Соборниот храм, вчера се одржа јубилејното 10-то издание на уникатниот уметнички настан „Под земја полесно се дише“. Настанот кој стана култно обележје на независната уметничка сцена, повторно ги зближи љубителите на уметноста и добрата музика под скопското небо, каде што, како што велат организаторите, „полесно се дише во тазе јаглерод диоксид отколку во ладен скопски смог“.

Кулашите минатата година изјавија дека десетото издание на фестивалот „ЌЕ РОКА“ и навистина рокаше во секоја смисла на зборот. Голем дел од културните работници и припадници на независната сцена дојдоа да им изразат поддршка и да ги видат содржините на фестивалот, меѓу кои: Филип Јовановски, Ивана Васева , Биљана Тануровска, Бојана Јанева, Наташа Сарџоска, Гоце Наумов и многу други.

„Под земја полесно се дише е ( самофинансиран ) мултимедијален фестивал кој што се одржува еднаш годишно, ( со пауза за време на короната ) веќе 10 години по ред. Секоја година се одржува на истото место, во подземните гаражи под Плочник.

Разговараме со Сали Ертунч и Ивана Мирчевска дел од организацискиот тим на фестивалот.

Сали Ертунч, креативец и дел од организацијата на фестивалот „Под земја полесно се дише“

Трн: Како почна се ?

Сали: Првична приказна беше дека само сакавме да ги отвориме вратите на гаражите и сфативме дека има доволно публика и само наши другари. Првите кои што доаѓаа на овој фестивал, беа наши другари, но со секоја година почнаа да доаѓаат и други луѓе и публиката се рашири.

Трн: По што е различно ова издание од останатите?

Сали: Дека е јубилејно, сакавме да има и да им дадеме простор и на други етаблирани уметници, како на пример Исмет Рамиќевиќ е еден од нив.

Трн: Дали подземјето е скриена метафора за тоа каде  е скриена вистинската уметност во Скопје?

Сали: Под земјата освен како збор е тоа што првичната порака која сакавме да им ја дадеме на луѓето е дека постои. Воздухот е загаден и имаме еколошки проблеми, од друга страна, метафорично гледано тоа исто значи дека и во подземните места постојат поталентирани луѓе, бидејќи ние сме растени во таа алтернативна сцена и таа сцена е појака од меинстрим сцената, и која е веќе изџвакана за обичниот конзумер.

Трн: Која е пораката што ја праќаш?

Сали: Секогаш постојат проблеми од типот како што имаме и денеска и секоја година, особено со комшииве и гаражните простории. Гледаме да бидеме храбри и да ги истераме до крај, така што јас би рекол само да бидат храбри, треба да си ја тераат својата работа, каде сакаат и како сакаат.

Трн: Што за тебе значи бунт во контекст на независна сцена?

Сали: Во таа сцена јас што пораснав, бунтот беше доста голем, со тоа што бунтот е креативна работа, а колку што е креативно, толку и привлекува повеќе публика и повеќе луѓе, веројатно самата креатовност е бунт, доколку престанат луѓето да бидат креативни, толку и бунтот ќе се намали меѓу луѓето, затоа што многу лесно е да бидеме деструктивни.

Трн: Која порака ја испраќате до институциите и институционалната поддршка?

Сали: Не бараме никаква помош од институциите да не поддржуваат, дури на некој начин нас ни е одбивно затоа што лицемерно е особено за оваа алтернативна сцена која се обидува да направи нешто слободно без никакви рамки. Напротив, институциите доаѓаат да бараат инспирација од Под земја полесно се дише, така што ние ним им даваме, а не тие нас.

Ивана Мирчевска, визуелен уметник и дел од организација на фестивалот „Под земја полесно се дише“

Трн: Каква уметност нуди јубилејното издание на фестивалот?

Ивана: Ова десето издание на фестивалот и уметничката програма всушност содржи различни типови на уметнички формати и форми меѓу кои и перформанси, видео инсталации, инсталации во простор, скулптури, звучни интервенции и ред други медиуми и техники на изразување.

Уметниците кои се дел од програмата се воглавном млади наши уметници, генерално до 35 години, потоа имаме малку постари од нас кои биле актуелни во 90 тите во поставувањето на независната културна уметничка сцена во Скопје и Македонија и дополнително на тоа имаме гости од Грција, колективот Гадах кои имаат различни типови интервенции меѓу кои голем дел од нив се перформативни

Трн: Кои се критериумите при избор на уметници ?

Ивана: Критериумите се прилично широки но она што нас не интересира како колектив и како Под земја полесно се дише е тоа авторите да нудат некои невообичаени перспективи на нашето секојдневие и тоа да биде манифестирано во нивните дела, тоа може да биде дали во форматот на нивното изложување, дали во содржината. Затоа што ние сме дел од уметничката сцена сме во контакт со овие нови гласови кои се појавуваат и врз основа на тоа гледаме да направиме некаква програма која ќе ги опфати сите. Единствено правило е дека не може еден учесник да учествува два пати, со цел да оставиме новите изрази да добијат видливост

Трн: Која е твојата порака до младите ?

Ивана: Мојата порака не е поразлична од онаа кога почнавме да го создаваме нашиот фестивал, а тоа е дека младите уметници треба да се здружуваат и треба да се борат за сопствениот простор и за критериумите во кои што работат, за да си ги подобрат нивните критериуми за работа за да може независната сцена да постои и исто така да се професионализира се повеќе и повеќе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни