На 20 јануари 1942 година, на Конференцијата во Ванзи, нацистичкото раководство го утврдило таканареченото „конечно решение на еврејското прашање” – систематско истребување на европските Евреи. Македонија, тогаш под бугарска окупација, не остана настрана.
Договорот од 22 февруари 1943
Бугарија, како дел од фашистичката оска, водела тајни преговори со Германија за предавање на еврејското население од окупираните територии. На 22 февруари 1943 година бил потпишан договор со Третиот Рајх за иселување на Евреите – договор кој ги опфатил и македонските Евреи од Скопје, Штип и Битола.

Ноќта во монополот
Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, 7.144 македонски Евреи биле собрани во скопскиот монопол. Потоа биле натоварени во возови и префрлени во логорот на смртта Треблинка. Никој не се вратил жив. За одбележување е молкот на соседите додека фашистите ги влечеле еврејските семејства низ улиците.
По Втората светска војна во Македонија останале само околу 400 Евреи – најголем дел биле учесници во Народноослободителното движење.

Праведници меѓу народите
„Праведници меѓу народите” е термин на државата Израел за не-Евреи кои ги ризикувале своите животи за да спасат Евреи во холокаустот. Македонија има 10 имиња на Почесниот ѕид во Јад Вашем: Стојан-Богоја Силјановски, д-р Тодор и Пандора Хаџи-Митков, Трајко и Драгица Рибареви, д-р Смилјан Фрањо Чекада, Борис и Васка Алтипармак и Александар и Блага Тодорови.
Никогаш повеќе.