„Денови за донирање“: Граѓанска иницијатива за волонтирање, донации и креативна акција

Започнаа „Деновите за донирање,“ инцијатива предводена од здружението Конект, чија цел е да ги инспирира граѓаните, семејствата и бизнисите да придонесат кон позитивни промени преку донирање време, ресурси и таленти. „Деновите за донирање“ нудат можност за здружување во креативни и општествено одговорни активности, промовирајќи поздрави животни навики.

„Секој од нас може да придонесе за подобро утре – било преку време, вештини или финансиски ресурси,“ вели Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект. „Волонтирањето и донациите не само што помагаат, туку и ги поврзуваат луѓето на едно подлабоко ниво.“

Оваа година, собраните средства ќе бидат насочени кон иницијативи со силно влијание, меѓу кои „Мрежата на македонските доброволни противпожарни друштва,“ која ќе ги здружи сите локални доброволни противпожарни друштва, како и организации како „Палиум,“ кои обезбедуваат помош за семејствата погодени од рак, „ИМКА Битола,“ која се фокусира на младинска едукација, и „Отворете ги прозорците,“ центар за развој на деца со попреченост. Претседателот на новоформираната мрежа на противпожарни друштва, Кирил Михајлов, истакна дека мрежата е клучна за подобрување на безбедноста и ефикасноста при одговор на катастрофи и пожари.

Во рамки на настанот, месецов ќе се организираат добротворни базари, модни аукции, работилници и натпревари, со предизвици кои поттикнуваат здрави животни навики и филантропија. Граѓаните можат да донираат со повик на 143 333 или да учествуваат во предизвиците преку социјалните мрежи со хаштагот #denovizadoniranje. Настанот е дел од проектот на УСАИД „Партнерства за донирање,“ реализиран од Конект во соработка со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни