Денови на македонската култура во Ниш

По повод 8 Септември, Денот на македонската државност, во Ниш, Србија, беа свечено отворени единаесеттите „Денови на македонската култура“, во галеријата на Нишкиот културен центар.

Организатор на оваа манифестација, која ќе трае до 22 септември, е Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш.

На отворањето, пред присутните се обрати претседателката на македонскиот Национален совет во Република Србија, Зорица Митровиќ, која истакна дека целта на „Деновите на македонската култура во Ниш“ е одбележување на државноста на Република Македонија меѓу македонското малцинство во овој град и запознавање на српската јавност со дел од македонската култура.

Честа да ја отвори оваа манифестација ѝ припадна на уметницата од Гевгелија, Мирјана Крстева-Массети, која се претстави пред љубителите на уметноста во Ниш со своите ликовни дела.

Отворајќи ја изложбата, Благе Петрушевски, претседател на Здружението на Македонците „Вардар“ од Ниш, потенцираше дека со ваквите манифестации се придонесува не само за збогатување на културните настани во самиот град Ниш туку им се овозможува, во исто време, на културните работници од Македонија и од Србија меѓусебно да се запознаат и да ги разменат своите искуства.

На истото место на 12 септември ќе се одржи концерт на учениците на Основното музичко училиште „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци, а на 19 септември, во Народната библиотека „Стеван Сремац“, ќе се одржи книжевна вечер со поетот и актер Игор Трпчевски од Прилеп.

На 20 септември е монодрамата „Лидија“ во изведба на актерот Игор Трпчевски. „Деновите на македонската култура“ ќе бидат затворени со ден посветен на македонскиот филм, на 22 септември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни