Денови на македонска култура во Будимпешта

Со изложба „Што ѕирка од по тепихот?“ на Богларка Фодор, во Културниот центар „Balkan Heritage“ се отворени „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2025“, организирани од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците од Македонија „Теледом“ и Културниот центар „Balkan Heritage“ во унгарската престолнина, со поддршка на нашето Министерство за култура и туризам.

Како што соопшти Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, со програмата се реализираат нивните идеи „за поврзување на уметници од двете земји, поддршка на унгарските уметници кои творат инспирирани од македонската култура и забрзаниот културен дијалог и културна дипломатија меѓу Македонија и Унгарија“.

За самостојната изложба на Фодор се наведува дека го прикажува „секојдневното животно пулсирање на Македонија низ очите на надворешен набљудувач – некој што набљудува без предрасуди, но со голема љубов“.

-Оршоја Карафиат, унгарска поетеса и книжевна ѕвезда, на македонската читателска публика позната со романот „Малечката Лили“ во издание на Или-Или, напиша десет кратки текстови поврзани со илустрациите, испреплетени и со нејзините лични впечатоци од Македонија. Унгарското музичко дуо  „БудаПесме“ ја прошета публиката низ светот на народната македонска музика, а винаријата „Ерос“ со својот асортиман на вина им овозможи на присутните да уживаат во автохтоните македонски вина,  наведува Лекторатот во соопштението. 

Во наредниот период, во рамките на проектот „Дијалог меѓу културите“, изложбата „Што ѕирка од по тепихот?“ ќе биде поставена во Скопје, Белград и во други градови. Во Скопје ќе биде претставена на 5 јуни во кафе-книжарницата „Буква“. 

На 10 јуни во книжарницата „Или-Или“, пак, ќе се одржи „Ден на унгарската книжевност“, при што издавачката куќа „Или-Или“ ќе овозможи попусти на сите преводи од унгарски јазик, а од 19 часот македонската публика ќе има можност да ги погледне илустрациите на Богларка Фодор аплицирани на торби, шолји, картички, во интерпретација на БудаПесме ќе има можност да слушне изворна македонска музика, читателите ќе може да се запознаат со преведувачот Златко Панзов и да вкусат унгарски вина овозможени од Амбасадата на Унгарија во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни